27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИванов свечено ќе ја отвори седмата по ред Школа за млади лидери

Иванов свечено ќе ја отвори седмата по ред Школа за млади лидери

supe3

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во понеделник ќе се обрати на свеченото отворање на Школата за млади лидери, што на негова иницијатива по седми пат ќе се одржи во Охрид од 15-ти до 26-ти август.

На свеченото отворање предвидени се и обраќања на Петар Стојанов, поранешен претседател на Република Бугарија, на Исмаил Серагелдин, директор на Александриската библиотека, на Фан Меихуа, директор за човечки ресурси при европскиот центар за набавки на компанијата „Хуавеи“, како и на Зоран Илиевски, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во Скопје.

На годинешната школа ќе присуствуваат вкупно 28 реномирани предавачи од врвни образовни и професионални институции од Република Македонија, Европската унија, САД, Австралија и Египет, кои ќе ги пренесат своите  знаења, искуства и видувања за лидерството на вкупно 45 учесници на школата.

Меѓу предавачите на седмата по ред Школа за млади лидери се и претседателот на Латвија, Ваира Вике-Фреиберга, градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, директорот на Евроконтрол, Франк Бренер, истражувач на Вартон Школата при Универзитетот во Пенсилванија, Ѓорѓија Петкоски, претседавачот на Извршниот комитет на Трилатералната комисија на Република Србија, Јован Ковачиќ, како и еден од водечките светски бизнис предвидувачи и експерт за менаџмент и лидерство, Дејвид Голдсмит.

Предавања на школата ќе одржат и други истакнати поединци, успешни лидери во компании и претставници на етаблирани институции од Република Македонија, САД, Португалија и Република Србија.

Школата за млади лидери е лична иницијатива на претседателот Иванов. Досега се организирани шест интензивни тренинзи за лидерство – вo 2010, 2011, 2012, 2013, 2014 и 2015 година. Идејата на претседателот Иванов е да се овозможи на младите талентирани и амбициозни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и менаџерски способности.

Програмата на школата опфаќа предавања и обуки во сферите на лидерството и менаџментот од страна на еминентни предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, менаџмент-симулации и практични вежби.

Во изминатите шест години на школата учествуваа 240 млади луѓе и над 140 предавачи меѓу кои генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, поранешните претседатели на Чешката Република и на Република Србија, Вацлав Клаус и Борис Тадиќ, поранешните претседатели на Република Бугарија и на Република Албанија, Георги Прванов и Бамир Топи, поранешниот потпретседател на Европската комисија и поранешен министер за надворешни работи на Италија, Франко Фратини, претседателите на Светската и Европската академија на науките и уметностите, Иво Шлаус и Феликс Унгер, како и многу амбасадори, функционери од Европската унија, директори на меѓународни институти и успешни бизнис компании и професори од реномирани светски универзитети.

Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, коешто низ семинари, панел дискусии, предавања и учества во младински настани, овозможува продолжување на развојот на нивните знаења и вештини.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП