2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОчекувањето на пад на резервите во САД ја држи нафтата над 45...

Очекувањето на пад на резервите во САД ја држи нафтата над 45 долари

nafta 46886

Цените на барелот нафта се стабилизираа во вторникот на меѓународните пазари над нивото од 45 долари, поткрепени од очекувањата за пад на резервите во САД и за договор за зауздување на производството на неформалниот состанок на Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) во Алжир.

На лондонскиот пазар цената на барелот остана речиси непроменета во однос на претходното затворање и изнесуваше 45,52 долари, додека во понеделникот го затвори тргувањето со плус од 1,12 долари. Значителни промени во цените во вторникот немаше ниту на американскиот пазар, каде со барелот се тргуваше по 43,23 долари, откако во понеделникот го заклучи тргувањето во позитива од 1,22 долари.

Одвоено OPEC во вторникот извести дека на почетокот од седмицава референтната цена барел кошница нејзина нафта изнесувала 41,10 долари, што значи дека пораснала за 1,02 долари во однос на претходниот трговски ден,

Пазарите во понеделникот беа поткрепени од најавите од OPEC за неформален самит во септември, во контекстот на очекувањата за зауздување на производството. Состанокот ќе биде одржан на маргините на Меѓународниот енергетски форум во Алжир, кој треба да се одржи од 26-ти до 28-ми септември.

Минатата седмица весникот The Wall Street Journal пишуваше дека членки на OPEC, како Венецуела, Еквадор и Кувајт, сакаат повторно да се обидат да воспостават соработка меѓу овој нафтен картел и големите произведувачи кои не се негови членки, вклучително и Русија, поради поддршка на цените,

Во вторникот дополнителна поддршка на пазарите им даде најновиот извештај од Американскиот институт за нафта (API) за резервите во САД кој покажува нивен пад во однос на минатата седмица за милион барели, иако компанијата којашто ги собира пазарните податоци Genscape извести за зголемување на резервите во американскиот нафтен јазол Кушинг за повеќе од 307.000 барели.

„Можеме само да се запрашаме колку долго овој ентузијазам ќе трае, имајќи го предвид основниот факт на прекумерното снабдување“, истакнува Тамаш Варка од PVM.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП