5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРусија и Турција ги нормализираат односите

Русија и Турција ги нормализираат односите

putin

Русија и Турција направија голем чекор во насока на нормализирање на меѓусебните односи во вторникот во Санкт Петербург каде што рускиот претседател Владимир Путин се сретна со својот турски колега по должност Реџеп Тајип Ердоган, на разговорите кои двајцата ги оценија како „конструктивни“, на кои е договорена реализација на низа проекти меѓу кои и за гасоводот Турски тек, симнување на ембаргата и соработка во решавањето на сирискиот конфликт.

Рускиот претседател Владимир Путин и турскиот Реџеп Тајип Ердоган разговараа околу час и половина во палатата од XIX век во близина на Санкт Петербург. На состанокот, по повеќемесечните напнатости, се разговарало за подобрување на односите нарушени откако турската воена авијација кон крајот на ланскиот ноември го собори рускиот бомбардер на сириско-турската граница. Воедно ова беше прво патување на Ердоган во странство по неуспешниот обид за воен преврат во Турција од ноќта од 15-ти кон 16-ти јули.

Средбата, исто така, се одржа во периодот кога и Москва и Анкара имаат затегнати односи со Западот.

Русија е подготвена да ги обнови економските и политичките соработки, како и другите врски со Турција, изјави рускиот претседател. На заедничката прес-конференција по разговорите, емитувана во живо на руските агенции, Путин рече дека приоритетот и за Русија и за Турција е да се вратат односите на нивото од пред кризата со уривањето на бомбардерот.

„Турција и Русија се решителни да ги нормализираат односите“, додаде Ердоган оценувајќи ги разговорите со, како што рече пред новинарите – „драгиот другар Владимир“, како „сеопфатни и полезни“.

Путин рече дека е можно да се разрешат разликите со Турција околу Сирија, и рече дека смета оти и Русија и Турција имаат цел да ја решат сириската криза. Додаде дека на сите им е јасно дека „нашите ставови за Сирија не се совпаѓаа во минатото“ со турските.

Ердоган продолжи дека се донесени одлуки коишто на економски и на политички план ќе ги унапредат односите со Русија. Напомена дека проектот за гасоводот Турски тек ќе се реализира во скоро време, дека је зајакне соработката во одбранбениот сектор, како и дека нуклеарната централа „Акују“ ќе добие статус на стратешка инвестиција.

Путин рече дека ќе биде решено прашањето на обновување на руските чартер летови во Турција во најскора иднина, како и дека ограничувачките мерки воведен против Турција ќе бидат укинувани постапно „чекор по чекор“.

Меѓу Турција и Русија постои јасен консензус во поглед на нормализирањето на односите, изјавил во вторникот за Reuters извор близок на кабинетот на турскиот претседател по завршувањето на средбата на двајцата челници. „Глобалната атмосфера беше многу позитивна. Двете страни се решителни во намерата да ги унапредат меѓусебните односи“, рекол истиот извор.

Путин кој на Ердоган во разговорите зад затворени врати му рекол дека се надева оти Турција во целост ќе воспостави ред по неуспешниот обид за пуч, велејќи дека Русија отсекогаш се противи на неуставните акции.

Посетата на Ердоган на Русија се одвива во моментот кога односите на Турција со земјите членки на Европската унија и со САД се силно оптоварени, поради забелешките од страна на западните турски сојузници за реакцијата на официјална Анкара во врска со пучистите.

„Вашата денешна посета, којашто ја остваривте и покрај навистина комплицираната ситуација на домашната политичка сцена, покажува дека сите сакаме да продолжиме со дијалогот и повторното воспоставување на односите“, рече Путин во текот на фото сесијата пред започнување на разговорот меѓу двајцата челници во четири очи.

„Повторно истакнавме дека, во согласно со своите цврсти ставови, отсекогаш бевме категорично против каков и да е обид за неуставни акции. Сакам да изразам надеж дека под вашето водство турскиот народ ќе успее и натаму да се носи со проблемите со коишто е соочен по ударот, како и дека повторно ќе бидат воспоставени редот и правниот поредок“, порача рускиот претседател.

Ердоган на Путин му се заблагодари за неговиот телефонски повик веднаш по обидот за пучот, кој бил наводно и првиот странски контакт, велејќи дека тоа на турскиот народ му донело огромна радост и „психолошки многу значеше“.

Путин примајќи го својот турски колега изјави дека Русија и Турција сакаат „повторно воспоставување дијалог и билатерални односи“, а Ердоган рече дека во Русија допатувал поради „новата фаза, тргнување од нулата“ во односите со Путин. Истакна дека односите меѓу Москва и Анкара влегуваат во „сосема поинаква фаза“, и оцени дека „солидарноста“ меѓу двете земји ќе придонесе за решавањето на проблемите во регионот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП