Русија објави дека покренала правна постапка против американскиот технолошки гигант Apple заради сомнеж за местење на малопродажните цени на iPhone.
Во руската сојузна служба за сузбивање на монополот наведуваат дека нивната истрага „покажала дека од самиот почеток на официјалната продажба на моделите iPhone6 и iPhone6 Plus во Русија, повеќето продавачи одредиле идентични цени за тие уреди и ги држеле на тоа ниво одреден период“.
Напомнуваат дека утврдиле дека цените кај „продавачите се идентични“ со оние на другите модели на iPhone и наведуваат 16 големи синџири на продавници на мобилни телефони и останата електроника кои, според нив, исто така учествувале во местењето на цените на споменатите уреди.
Можно е тој факт да е „резултат на координацијата на Apple во формирањето на цените кај руските трговци“, истакнуваат руските регулатори. Тоа, според нив, „резултирало со утврдување на цените на рускиот пазар и со прифаќање на т.н. ‘препорачани’ цени како задолжителни“.
Од Москва соопштуваат дека врз таа основа одлучиле да покренат првна постапка против руската компанија LLC Apple Rus, регистрирана од страна на американската група Apple, како и против Apple Holding B.V.-a, Apple Sales Ireland, Apple Operations International и Apple Inc.