6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗаврши втората фаза од Проектот за пристап на НБРМ во Европскиот систем...

Заврши втората фаза од Проектот за пристап на НБРМ во Европскиот систем на централни банки

nbrm

Во Скопје денеска се одржа вториот состанок на Управниот комитет на кој учествуваа претставници од Европската централна банка и Евросистемот, Делегацијата на ЕУ и Народната банка на Република Македонија.

Со ова, како што соопшти денеска НБРМ, официјално заврши втората фаза од спроведувањето на проектот за анализа на потребите на Народната банка на Република Македонија за пристапување во Европскиот систем на централни банки и Евросистемот, финансиран од Инструментот за претпристапна помош од Европската Унија, што почна да се спроведува во октомври минатата година.

– Во текот на првите три месеци од годината беа остварени 16 билатерални средби помеѓу експертите од Евросистемот и од НБРМ во сите 11 области што се опфатени со проектот – економска анализа и истражување, монетарна политика и политика на девизниот курс, платни системи, статистика, човечки ресурси, информатичка технологија, внатрешна ревизија, правни услуги, сметководство, банкноти и издаваштво и библиотекарство. Во спроведувањето на втората фаза учествуваа 24 експерти од 11 национални банки од Европскиот систем на централни банки, кои врз основа на отворена и добра соработка со експертите од НБРМ извршија анализа на тековната институционална и оперативна рамка и дадоа проценка за потребните правни и организациски промени, како и за човечките ресурси потребни за постигнување на европските стандарди во анализираните области, се вели во соопштението од НБРМ.

Успешното завршување на оваа фаза, се додава, е основа за започнување на третата и последна фаза, односно изработка на синтетички извештај од страна на ЕЦБ за проценетите потреби на НБРМ, каде што ќе бидат презентирани соодветните наоди за постојните јазови и ќе бидат дадени препораки за нивно надминување.

Наодите од извештајот ќе послужат при дефинирање на идната стратегија на НБРМ во делот на  приклучување кон Европскиот систем на централни банки и Евросистемот, што е во рамки на процесот на пристапување на Република Македонија во Европската Унија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП