Нов фекален колектор, по должина на булеварот „Партизански одреди“, во Скопје, почна да се гради денес, со што ќе се зголеми капацитетот на постоечката фекална мрежа и ќе се избегнат честите затнувања.
„Новиот фекален колектор значително ќе го зголеми капацитетот на постојната фекална мрежа која е со помал капацитет и предизвикува чести запушувања. Со изградбата на новиот колектор ќе се решат долгодишните проблеми на граѓаните во овој дел од градот“, рече градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.
Градоначалникот на Општина Карпош Јакимовски изјави дека станува збор за корисен инфраструктурен проект со чија реализација ќе се подобри состојбата со фекалниот колектор во населбите Тафталиџе 1 и 2 и во Нерези.
Новиот фекален колектор на булеварот „Партизански одреди“ ќе биде со вкупна должина од 1.246 метри и ќе биде изграден на потегот од крстосницата со улица „Московска“ до крстосницата со булеварот „8-ми Септември“. На овој потег ќе бидат поставени канализациони цевки со профил Ф-500 милиметри, а ќе бидат поставени и 25 шахти.
Градот Скопје од буџетот за овој проект ќе издвои околу 17 милиони денари, додека изведувач на работите е компанијата „Вардар градба“ ДООЕЛ Скопје.