Во рамките на музејскиот комплекс Куќа на Робевци во Охрид започна да функционира музејскиот културен центар „Лапидариум“, кој во изминатиот период беше целосно обновен.
Музејскиот простор кој е опремен со современи елементи ќе служи како центар за презентација и продажба на информативен и стручен публикуван музејски материјал, како и за презентација на значајни сувенирски предмети изработени како копии од оригинални археолошки, етнолошки, сакрално-уметнички и други видови експонати кои ќе им бидат достапни на домашните и странски посетители.
Во музејскиот центар се презентирани и епиграфски споменици и други оригинални мермерни артефакти, а архитектонскиот изглед на објектот е целосно вклопен во околниот музејски простор со вградени и поставени оригинални камени и мермерни елементи кои припаѓаат на античкиот и ранохристијанскиот период.
Музејскиот културен центар располага со можности за видео проекции за презентација на документарни филмови за културното наследство на Република Македонија, како и можности за организирање на културни настани, изложби под ведро небо, камерни или драмски претстави, монодрами, рецитали и други активности.
Целта на обновата на Лапидариумот, кој се реализираше преку Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид, е вклучување на институциите во насока на развој на културниот туризам, анимирање на музејскиот простор како и збогатување на туристичката понуда на Охрид и презентација на културното наследство пред домашната и странската јавност. Исто така, со поддршка на Министерството за култура во изминатиот период целосно беше обновен и потпорниот ѕид над Куќата на Робевци со што целосно се ревитализираше просторот околу Куќата на Робевци во Охрид, за што беа издвоени 14 милиони денари.