5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗаврши изградбата на гасоводот од делницата Клечовце – Штип

Заврши изградбата на гасоводот од делницата Клечовце – Штип

gasovod stip 33

Заврши изградбата на гасоводот од Клечовце до Блок станица 5 Штип, во должина од 61 километар, која се наоѓа меѓу селата Драгоево и Селце, инвестиција вредна 75 милиони долари.

Премиерот Емил Димитриев истакна дека успешно заврши првата фаза од гасоводот односно успешно е завршена изградбата на првиот крак Клечовце-Штип.

„Со изградбата на оваа делница се овозможува забрзано ширење на целата гасоводна мрежа низ сите поголеми места низ државата. Па така, следниот крак од гасоводот, кој ќе почне да се гради веќе следниот месец, е кракот Штип-Неготино-Кавадарци. Паралено со трасата Штип-Неготино-Кавадарци во септември оваа година планирано е да почнат да се градат уште два крака од гасоводот и тоа трасата Кавадарци-Неготино-Прилеп до Битола, како и трасата Скопје-Тетово-Гостивар“, рече Димитриев.

Тој истакна дека по изградбата на овие траси од гасоводната мрежа ќе следи и изградба на трасите Штип-Радовиш-Струмица-Гевгелија со што Македонија ќе се поврзе со Грција. Потоа трасата од Струмица преку Ново Село до границата, а со оваа траса Македонија ќе се поврзе со Бугарија. И трасата Гостивар-Кичево-Струга до Ќафасан и со оваа траса Македонија се поврзува со Албанија.

Се планира во период од четири години ќе се изградат нови 204 километри од македонскиот гасовод со вкупна инвестиција од преку 150 милиони евра.

Според премиерот, изградбата на гасоводната мрежа низ земјава е од големо значење за економијата, за компаниите, конкурентноста на домашното производство и за подобрување на условите за водење бизнис во Македонија.

„Дополнително достапноста до гасот како енергенс ќе значи големи придобивки за народот, затоа што ќе се намалат трошоците за струја и греење, што директно ќе се одрази врз буџетот на граѓаните“, рече Димитриев.

Вршителот на работите за Русија во Македонија од Руската Амбасада Костадин Берсењев истакна дека изградбата на првиот крак од магистралниот гасовод Клечовце-Штип-Кавадарци е уште еден голем проект на руско – македонската соработка, бидејќи овој крак, кој чини 75 милиони долари, од нив 60 милиони долари се средства за регулирање на клириншкиот долг којшто Русија го наследи од поранешниот Советски сојуз, а 15 милиони долари се средства од буџетот на Владата на Република Македонија.

„Со пуштање во употреба на новата гасоводна мрежа Македонија ќе може да добива природен гас не само од Бугарија, туку и од Србија и од Грција. Не помалку е важно и тоа дека македонските компании стекнаа бесценето практично искуство кое може да го искористат понатаму за изградба и обновување на објектите на гасоводната мрежа на Македонија“, рече Костадин Берсењев.

Во своето обраќање генералниот директор на Мер АД Скопје, Крсте Миладинов оцени дека изградбата на македонскиот гасовод од 61 километар и шест блок станици претставува еден од најголемите проекти коишто ги реализираше земјава.

„Проектот е завршница, но тој е предвесник на новите проекти. Можете да видите дека интензивно се подготвува изградбата на делницата Штип-Неготино-Кавадарци, која официјално започнува во средината на август. Со реализацијата на тие проекти се отвора и нова ера од кои придобивка ќе имаат стопанството и домаќинствата, а исто така ќе имаме и заштита на животната средина. За реализацијата на проектот соработувавме со Строј Трансгас од Москва. Оваа фирма нам ни подари пријателство и квалитет во изградбата на новиот гасовод“, рече Миладинов.

„Компанијата „Строј Трансгас“ реализира многу проекти во делот на енергетиката во многу држави. Ние сме многу горди бидејќи Македонија токму нам ни ја даде довербата да го градиме првиот крак од Клечовце до Штип“, рече Михаил Хрјаков од фирмата „Строј Трансгас“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП