28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦената на златото се намали за 8%

Цената на златото се намали за 8%

zlato14

Цената на златото вчера продолжи со остриот пад, а поладнето се намали за дури осум проценти, што е најголем дневен пад за повеќе од 30 години.

Цената на златото се намали на 1.356,85 долари за фина унца (31,1 грам), што е најниското ниво од февруари 2011 година. Распродажбата на златото во петокот беше поттикната од стравувањата за продажба на кипарското злато.

Во петокот овој благороден метал загуби повеќе од четири проценти од вредноста и за прв пат од јули 2011 година, неговата цена се спушти под границата од 1.500 долари за унца.

Инвеститорите го избегнуваат златото во ситуација кога опаѓа стравувањето од инфлацијата, а постојат назнаки дека американската централна банка до крајот на годината би можела да започне да ја ограничува финансиската поддршка за економијата.

Вчера објавените податоци за забавувањето на кинеската економија кои ги намалија цените на индустриските суровини, за инвеститорите беа само уште еден изговор за продажба на златото, сметаат аналитичарите од агенцијата Ројтерс.

Заедно со златото се намалија и цените на останатите благородни метали. Цената на среброто се намали на најниско ниво од октомври 2010 година, а платината се намали на најниско ниво од август минатата година. Значително се намалија и цените на останатите суровини, како што се индустриските метали и нафтата, воглавно поради стравувањата од забавувањето на кинеската економија.

Златото е веќе околу една третина под историскиот максимум од 1.920,30 долари за унца од октомври 2011 година.

Неговиот пад започна под влијание на минатонеделните вести дека Кипар во рамки на планот за спас од банкротот, веројатно ќе биде принуден да дојде до 400 милиони евра преку продажба на дел од златните резерви. Иако таа сума е релативно ниска, тоа предизвика стравување дека за продажба на златото би можеле да се одлучат и други задолжени европски држави, на пример Италија и Шпанија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП