Британската премиерка Треза Меј изјави во средата во Рим дека е отворена во поглед на идните британски врски со Европската унија, додавајќи дека тие можеби нема да бидат копии на некои од сегашните односи меѓу ЕУ и трети земји.
„Гледам на тоа со отворен ум. Мислам дека би требало да развиваме модел кој им одговара на Обединетото Кралство и на Европската унија, а не нужно да се преземе модел кој веќе постои“, изјави на прес-конференцијата британската премиерка Тереза Меј по средбата со нејзиниот италијански колега и домаќин Матео Ренци.
Меј, исто така, изјави оти се надева дека ќе може да го реши прашањето на правата на жителите од земјите членки на ЕУ кои живеат во Британија и на британските граѓани кои живеат во ЕУ на почетокот од преговорите за британското излегување од Унијата.
Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, го именуваше претходно во средата Мишел Барние, поранешен еврокомесар и француски министер, за преговарач за новите односи со Велика Британија по нејзиното излегување од ЕУ. Барние е политичар од десниот центар, кој беше француски министер за надворешни работи и за земјоделие, новата должност ќе ја преземе на 1-ви октомври.
Јункер неодамна изјави дека на Лондон ќе му бидат потребни месеци подготовка пред да ги започне преговорите за излегувањето и ја прекори британската влада бидејќи не се подготвила подобро за можноста на референдумот кој се одржа на 23-ти јуни дека ќе победи опцијата за напуштање на ЕУ. Челникот на ЕК, исто така, рече дека за тоа нема краен рок, бидејќи членот 50 од Договорот за Европската унија, кој се однесува на постапката за излегување од Унијата, може да го активира единствоно Велика Британија.
Тереза Меј, која стана премиерка откако нејзиниот претходник Дејвид Камерон, како поборник на британското останување во ЕУ се повлече од должноста, истакна дека Лондон нема да ги покрене формалните преговори за разидувањето со Брисел, сé додека не биде договорен „британскиот пристап“, настојувајќи да ја примири Шкотска која силно се противи на напуштањето на ЕУ.
Во првите реакции на изборот на Берние за преговарал, портпаролката на британската премиерка изјави дека Британија е радосна дека ќе работи со „претставниците на државите членки, на Советот и Комисијата, за да се осигури прописно излегување на…“.
Првите реакции во британските медиуми се непријателски кон изборот на Барние.
„Тешко дека би можело да се замисли поголема анти-британска фигура., Објава на војна“, напиша на Twitter уредникот на политичката рубрика на пробрегзит ориентираниот дневен весник The Sun, Том Њутон Дан. Лондонски The Evening Standard го нарече Барние „камшикот на Сити“, деловниот центар на Лондон.