20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПродолжува собраниската расправа за ребаланс на Буџетот

Продолжува собраниската расправа за ребаланс на Буџетот

sobranie-sala

И денеска во Собранието во рамките на 111-та седница ќе продолжи расправата за ребалансот на Буџетот за 2016 година, откако опозицијата во текот на расправата во понеделникот го форсираше ставот дека треба да се дебатира за еврообврзницата, којашто според нивните тврдења минатата седмица е издадена без задолжителното мислење на Министерството за правда и надвор од законската процедура, а пратениците од мнозиснтвото беа на ставот дека дека неодговорноста на опозицијата ја создала политичката криза во последните две години, а еврообврзницата го покрива дефицитот за 2016-та и за следната 2017 година.

Марјанчо Николов од СДСМ побара ребалансот да биде повлечен, бидејќи како што речеи, во него се вклучени и средствата од еврообврзницата, чие издавање го оцени како незаконско. Николов посочи дека други земји се задолжуваат со пониски камати, споменувајќи ја како пример Италија со 1,5 отсто, додека каматата за Македонија за последната еврообврзница е со камата 5,6 проценти . Според него, со евентуално задолжување кај домашните кредитори, би се заштедиле над 50 милиони евра, само по основа на камата.

Пратеникот Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека веќе две години земјата е во длабока политичка криза и поради тоа, како што рече, се намалуваат личната и јавната потрошувачка, странските директни инвестиции, индустриското производство и генерално извозот. Апелираше до пратениците, во рамки на нивната моќ и ингеренции што ги имаат да влијаат политичката криза побрзо да заврши.

Според него, сите почнати капитални проекти треба да продолжат особено во делот инфраструктура, како што се автопатиштата Демир Капија-Смоквица, Миладиновци-Штип, Кичево-Охрид, гасоводот, поголемите регионални патишта, енергетските објекти кои се градат…„Со овој ребаланс треба да се постигнат неколку главни цели – да се обезбедат дополнителни средства за социјални трансфери и за кредитни средства за навремено исплаќање на обврските, како на домашниот, така и на меѓународниот пазар, дополнителни средства за капитални објекти, за проектите од инфраструктурата и да се обезбедат средства за тековно функционирање на државата“, рече Мукоски.

Осврнувајќи се на евробврзницата, пратеникот од владејачката партија потенцираше дека нејзиното издавање е изведено на легитимен начин, согласно сите законски прописи и норми во земјата. Ги отфрли обвинувањата на опозицијата дека немало дозвола од Министерството за правда и оти таа не е земена во согласност со Законот за јавен долг.

Стефан Богоев од опозицискиот СДСМ рече дека власта ја презадолжила државата и оти затоа младите ја напуштале земјата. Според него, се кратат пари за инфраструктура, здравство, образование, земјоделство…

Министерот за финансии Кирил Миноски, реплицирајќи рече дека самиот факт што постои буџетски дефицит значи дека е неопходно да се обезбедат средства за негово финансирање.

„Со оглед на тоа дека имаше озборување за тоа да се користат домашните банки и домашното задолжување, ние како Влада, согласно нашата фискална стратегија, решивме овие средства да ги обезбедиме на меѓународните финансиски пазари. Обезбедувањето на средствата на меѓународните финансиски пазари значи ослободување на дополнителни средства во банкарскиот сектор за финансирање на корпоративниот сектор. Тоа е една од причините зашто беше избрано ова време за користење на еврообврзницата“, рече Миноски истакнувајќи дека постапката за нејзино издавање е целосно чиста.

Министерот ги информираше пратениците дека во Владата планираат буџетскиот дефицит да го доведат под 3 отсто. Според Миноски, тоа јасно го зборува и фискалната стратегија, а идејата е постепено да се оди кон фискална консолидација.

„Во делот на економскиот развој, според нас главниот проблем во Македонија е јакнење на капацитетите на приватниот сектор, креирање производи и услуги кои ќе имаат повисока додадена вредност, кои се извозно ориентирани. Само на тој начин можеме да ја зголемиме на дологорочна основа даночната база од која ќе се зголеми приходната страна на буџетот“, појасни Миноски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП