Пензискиот фонд на Шпанија минатата година исплаќал пензии за речиси 30.000 покојници, заради што загубил речиси 300 милиони евра, утврдила државната ревизорска служба.
Вкупно 29.321 лице примало пензија која збирно изнесувала 25,3 милиони евра месечно, а се наоѓаат во регистарот на мртви, се наведува во Извештајот.
Речиси 95 отсто од тие имиња се најдоа на списокот на оние кои од октомври 2015 година примаат пензија.
Канцеларијата на државниот ревизор укажа дека има „дупки и недостатоци“ во шпанскиот пензиски фонд, кој, како што изгледа, се бори да води регистар на починати граѓани.
Ревизорите утврдиле проблем откако списокот на луѓе што починале меѓу 1987 и 2015 година го споредиле со списокот на оние што примаат државна пензија од декември 2014 година.
Пензискиот систем нема ефикасна контрола над тоа кому се исплаќаат пензии, ниту тоа го прават банките преку кои се исплаќаат парите, додава ревизорот.
Но, пензискиот систем оценува дека не се можни грешки во системот што се потпира на идентификационите картички.
Веројатно имало грешки при внесувањето на идентификационите броеви, или, пак, станува збор за нивно дуплирање, додаваат во Фондот, пренесува Ел Паис.
Шпанскиот пензиски фонд мораше мината недела да позајми речиси 8,7 милијарди евра од своите резерви за да ги покрие трошоците за пензии во текот на летните месеци.