Владата на Турција соопшти дека воведувањето на вонредна состојба не е никаква пречка за посета и одмор на туристите во оваа земја.
Како што стои во соопштението на Министерството за култура и туризам, туристите кои планираат одмор во оваа земја немаат никакви безбедносни препреки за одмор на била која дестинација или летувалиште во таа земја, поради воведувањето на вонредена состојба.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во средата воведе тримесечна вонредна состојба во земјата по обидот за пуч.
Министерството за култура и туризам наведува дека вонредната состојба претставува пакет мерки кои ќе се спроведат во рамките на уставните закони поради зголемување на безбедноста со цел државата да се справи со заканите врз човековите права и слободата на народот.
„Наведениот пакет мерки не содржи било какви ограничувања на основните човекови права и слободи. Мерките за безбедност кои ќе се применат нема да влијаат на туристите кои ќе ја посетат Турција, ниту во секојдневието на турските државјани, а исто така нема да претставува пречка за нормалното функционирање на воздушниот сообраќај и меѓународните движења низ земјата“, стои во соопштението.