18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДоделени сертификати за туристички водичи за локалитетот Кокино

Доделени сертификати за туристички водичи за локалитетот Кокино

serti

Сертификати за туристички водичи за архео-астрономскиот локалитет Татиќев Камен – Кокино беа доделени во четврток во просториите на Музејот на Македонската борба во Скопје.

Повеќе од 50 лиценцирани туристички водачи поминаа еднодневна обука за водење на туристи на Кокино, во организација на Националната Установа Музеј Куманово и Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси, кофинансиран од Владата на Швајцарија. Обуките се дел од подолгорочна иницијатива за развој на Кокино како туристичка дестинација.

Пред присутните се обратија Анита Цветановска, Директор на НУ Музеј Куманово, Татјана Марковска, менаџер од канцеларијата за економски развој на УСАИД Македонија и Анета Дамјановска, национален програмски координатор во Швајцарската агенција за развој и соработка.

“Кокино може да се претвори во еден од главните центри на туризмот во регионот, доколку се продолжи со насочено инвестирање во локалитетот“, изјави Марковска. “Тоа е само една од многуте дестинации низ државава, кои истовремено се дел од богатото културно наследство на Македонија и туристички дестинации кои, доколку се развиваат одговорно и оддржливо, можат да бидат адути во рацете на нашата туристичката индустрија“, дополни таа.

Анета Дамјановска од Швајцарската агенција за развој и соработка се осврна на придобивките за локалните економии.

„На долг рок, континуираното вложување во Кокино и нему слични локалитети, носи придобивки и за локалното население. Токму локалното население, локалните мали бизниси можат да бидат моторот на економскиот развој и развојот на туристичката понуда на рурални, релативно изолирани подрачја како Кокино“, рече Дамјановска.

За да го поддржи развојот на Кокино, а во соработка и координација со НУ Музеј Куманово, Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизнис ова лето донираше информативни табли, патокази, заштитна ограда за еден дел од локалитетот и го поддржа објавувањето на официјалната веб страна на Кокино – kokino.mk.

Според прописите на Музејот, сите водичи кои сакаат да носат тури на Кокино треба да поминат обука за водење на обуките и да го најавуваат своето присуство на локалитетот во Музејот. Ова ќе овозможи повисок квалитет на турите, но и следливост на бројот на посетители на локалитетот, како и воведување на систем на наплата на влезници, со кој се обезбедат редовни приходи за понатамошно подобрување на инфраструктурата на и околу Кокино и одржување на локалитетот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП