Денес цените на нафтата на светските берзи се задржаа околу 47 долари за барел, додека инвеститорите за нови упатства чекаат објава на податоците за американските резерви на сурова нафта.
Цената на барел сурова нафта на лондонската берза падна за 7 центи во однос на претходниот ден, на 46,89 долари, додека на американската берза беше во минус 5 центи и изнесуваше 45,19 долари за барел.
Цените на суровата нафта падна вчера повеќе од 1 отсто откако стравувањата од можни прекини во снабдувањето заради неуспешниот воен удар во Турција се покажаа како неосновани.
„Влегуваме во период во кој пазарот на нафта би можел да чувствува поголем притисок од враќањето на Иран на пазарот“, рече аналитичарот Оливие Џејкоб од Petromatrix.
„Саудиска Арабија излегува од сезоната на најголема побарувачка за нафта во време кога глобалните рафинериски маржи се под силен притисок, а тоа не е добра комбинација“, додава Џејкоб.
За нови насоки пазарот очекува објава на извештајот за американските резерви на сурова нафта. Американскиот нафтен институт ќе ги објави податоците во вторник, а американската влада во среда.
Резервите на гориво во САД, Европа и Азија се преполни и покрај тоа што е врвот на летната сезона на возење, што ги наведува трговците да складираат дизел гориво на танкери како што забавува растот на побарувачката. Со речиси полни складишта и на копно, мала е веројатноста за одржливо закрепнување на цените на сурова нафта, дури и доколку производството се намали.
Се проценува дека производството на нафта од шкрилци во САД ќе падне во август, 10-ти месец по ред, за 99.000 барели дневно, на 4,55 милиони барели дневно, се наведува во извештајот за продуктивноста.
Поддршка на цените би можел да даде растот на кинескиот увоз на сурова нафта во втората половина на годината, што во мај и јуни е забавен делумно заради сезонското одржување на рафинериите, објави компанијата Banchero Costa (Bancosta).
Кинескиот увоз на сурова нафта во првата половина на ова година порасна за 14,2 отсто, а најголем дел од снабдувањето доаѓа од Русија, Оман, Ирак и Бразил, рече водачот на истражувањето Ралф Лесчински од Bancosta.
Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК) објави на својата интернет страница дека референтната цена на нејзината нафта во понеделник изнесувала 43,36 долари, што значи дека пораснала 12 центи во однос на претходниот трговски ден.