27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: телевизиите во Македонија – Сител прва по гледаност, МТВ прва по...

Анализа: телевизиите во Македонија – Сител прва по гледаност, МТВ прва по вработени

opop

Сител има најголема просечна гледаност во текот на целиот ден, Алсат има најпопуларни политички вести, а МТВ има најмногу вработени. Ова го покажува споредбата на податоците од Агенцијата за медиуми (АВМУ), Меѓународниот републикански институт (ИРИ) и Државниот завод за статистика (ДЗС).

АВМУ: Сител на прво, МТВ на последно место според гледаноста

Сител е на прво, а МТВ на последно место според гледаноста на националните телевизии. Ова го покажува најновото истражување на Агенцијата за медиуми (АВМУ).

36% од граѓаните се изјасниле дека барем еднаш во текот на денот го вклучуваат телевизорот на Сител. Следат Канал 5 со 29%,  Алсат со 16%, Телма со 15%, Алфа со 12% и МТВ со 10%.

Зад нив се телевизиите кои емитуваат преку сателит и кабелска мрежа – 24 вести има дневен досег од речиси 10%, а далеку зад него се ТВ 21 со 3.4%, Канал 5 плус и Сител 3 со по 3.1%, Шења со 2.4%, Наша ТВ и ТВ Нова со по 2.1%, ТВ Сонце со 0.7% и ТВ Арт со 0.3%.

Од странските телевизии кои се достапни преку кабелска најгледан е Discovery, 6.8% од Македонците барем еднаш во текот на денот го вклучуваат овој канал. Зад него е Sport Club со 6.5%, па Fox life со 3.3%, National Geographic со 2.7%, Eurosport и VH1 со по 2.4%, па Animal Planet, MTV и HBO со по нешто над 2%.

На прашањето „Дали вчера во текот на денот гледавте телевизија“ позитивно се изјасниле 72.4% од анкетираните, а негативно 27.6%.

Речиси половина од населението или 48,2% телевизискиот сигнал го добива преку некој од кабелските оператори, потоа следува Max TV со 27,3%, Boom TV со 9,0%, обична антена без месечна претплата 5,8% и сателитски приклучок кај 5,3% од населението. Минимален дел од населението – 0,5% не поседува телевизор во домот.

Истражувањето на јавното мислење се однесува на вториот квартал од 2016-та година и е спроведено на примерок од 2.400 испитаници.

ИРИ: вестите на Алсат на прво, на Алфа на последно место според гледаноста

Истражувањето на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), пак, го дава одговорот на прашањето „Која телевизија ја гледате најчесто за да се информирате за политички вести“.

Најголем дел од граѓаните на Македонија се определиле за Алсат (24%), следи Сител (23%), Канал 5 (13%), 24 вести (12%), Телма (10%), МТВ (5%) и Алфа (3%).

Анкетата на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) била спроведена од 19 до 25 април 2016 година на примерок по случаен избор од 1.104 македонски граѓани на возраст од 18 години и постари.

Најмногу играна, најмалку културна програма

Според Државниот завод за статистика (ДЗС) во 2014-та МРТВ на своите три канали емитувала 20.197 часови програма или во просек по 55 часа на ден. 10-те приватни телевизии кои зрачат на државно ниво во истиот период емитувале 81.615 часови програма на ден или во просек секоја од нив по 22.4 часа.

Податоците укажуваат дека на македонските телевизии има најмногу играна, а најмалку културна програма.

Така МРТВ во просек емитувала по 8 часа филмови и серии, по 7 часа музика, по 5 часа и 30 минути забавни емисии, речиси исто толку и спортски. За вести биле одвоени по 6 часа на ден, а за друга информативна програма по речиси 4 часа. Реклами имало по 12 минути на ден.

Состојбата кај приватните телевизии е малку поинаква. Тие во просек прикажувале по 6 часа филмови и серии, нешто над два и пол часа информативна програма, речиси исто толку и вести. Забавни емисии имало по 2 часа и 15 минути, а музика нешто под 2 часа. Приватниците просечно прикажувале секој ден по 1 час и 39 минути реклами.

МРТВ има повеќе вработени од сите приватни национални телевизии заедно

Според податоците на ДЗС кои се однесуваат на периодот заклучно со 31.12.2014 МРТВ има повеќе вработени од 10-те приватни телевизии заедно, јавниот сервис имал ангажирано 852 луѓе од кои 500 во телевизијата, 213 во радиото и 139 во заедничките служби. Приватниците сите заедно имале вкупно 667 луѓе од кои 28 уредници, 191 новинар, 24 спикери и 340 технички персонал.

Според истите податоци во Македонија има едно јавно радио – дифузно претпријатие (МРТВ)  како и 10 трговски радио – дифузни друштва кои зрачат телевизиска програма на државно, 27 на регионално и 25 на локално ниво.

МРТВ годинава планира да потроши 22 милиона евра

МРТВ годинава планира да потроши 22 милиона евра. Според финансискиот план на Јавното радио – дифузно претпријатие една третина од парите односно над 7 милиони евра ќе одат за плати и надоместоци за вработените. 5.5 милиони ќе бидат потрошени за опрема, техника и градежни интервенции. Уште 5.5 милиони ќе има за набавка на програма, од нив за пренос од спортски настани се планирани 2 милиони (за Европското фудбалско првенство, за Олимписките игри, за Лигата на шампиони); останатите 3.5 милиони се за филмска и сериска програма, за снимање фестивали и други телевизиски копродукциски проекти.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП