17 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИУтре истекува рокот за Макпетрол – ќе дозволи ли КХВ влез на...

Утре истекува рокот за Макпетрол – ќе дозволи ли КХВ влез на сомнителен капитал во земјава?

makpetr

Рокот во кој Комисијата за хартии од вредност треба да одлучи дали ќе ја прифати понудата на анонимната офшор компанија „Балкан Петролеум“ за акциите на Макпетрол, истекува утре. Очите на целокупната македонска јавност се вперени во Комисијата – дали ќе се дозволи влез на сомнителен странски капитал во домашната економија?

Уште од самото појавување на „Балкан Петролеум“, почнаа да стигнуваат информациите за сомнителното минато на луѓето од фантомската компанија. Новинарските истражувања ги открија нивните сложени офшор-шеми, кои преку Македонија и Британија, завршуваат на Кипар и Британските Девствени Острови. Сериозни сомневања дека се работи за лица од „сивата зона“ на источноевропскиот бизнис, кои се обидуваат да го „вдомат“ нивниот сомнителен капитал во Македонија, ја растревожија и загрижија јавноста.

Имињата на луѓето поврзани со „Балкан Петролеум“ досега беа непознати во земјава, но тие се добро документирани во досиејата на европските полициски и истражни органи. Контроверзниот Израелец Ури Бидер, кој се појавил на последното акционерско собрание на Макпетрол, претходно учествувал во сомнителното преземање на романската рафинерија „Рафо“, со катастрофални последици за рафинеријата и нејзините вработени. Соработник на Бидер низ годините бил и контроверзниот руски олигарх Михаил Черни, чие минато е преполно со сомнителни зделки и обвинувања за перење пари, корупција и поврзаност со руската мафија. Директорот на „Балкан Петролеум“, Василиј Евдокимов, се појавува како менаџер на повеќе од 20 офшор-компании, во кои тој претставува параван за вистинските сопственици. Александер Каплан, кој се појави во јавноста како претставник на компанијата (иако не фигурира никаде во нејзината сопственичка структура).

 

Институциите молчат, експертите предупредуваат: не смее да се дозволи црниот капитал да влезе во македонското стопанство

И покрај основаните сомневања за минатото на овие бизнисмени, ниту една македонска институција досега не излезе со информација дека ги истражува овие луѓе и потеклото на нивните пари. Експертите повеќепати апелираа – покрај Комисијата за хартии од вредност, и  Управата за финансиско разузнавање и  Комисијата за заштита на конкуренцијата во ваква ситуација мора да ја исполнат својата улога на заштитници на домашното стопанство од сомнителниот странски капитал.

Деновиве во јавноста се појави и украинскиот амбасадор во земјава Јуриј Гончарук, кој исто така предупреди за сомнителните биографии на луѓето што се обидуваат да го преземат Макпетрол:

„Не треба тие луѓе да се пуштаат тука. Има потерници по нив. Тие се наоѓаат под меѓународни санкции, доколку го имате во предвид познатиот украински олигарх Сергиј Курченко“, изјави Гончарук во интервју за Телма.

 

2000 работници во Макпетрол се во страв и неизвесност

Искуствата со „игрите“ на сомнителните бизнисмени во Романија се главната причина поради која околу 2000 работници во Макпетрол стравуваат за сопствената иднина. Пред 13 години, Ури Бидер и неговите соработници ја уништиле рафинеријата „Рафо“, откако во неа влегле со компанија со идентично име како денешната, со која се обидуваат да го преземат Макпетрол – „Балкан Петролеум“.

Синдикатот на работниците во трговијата веќе се изјасни дека институциите мораат темелно да го проверат потенцијалниот купувач на акциите на Макпетрол и потеклото на неговиот капитал. Според експертите за работнички права, во  македонските закони се поставени добри механизми за заштита, но останува на институциите да ги спроведат овие прописи.

„И раководството на Макпетрол и потенцијалниот купувач имаат обврска да ги консултираат Синдикатот како претставник на работниците, во врска со сите промени што (ќе) се случуваат во правниот субјект. Консултациите треба да се направат во вид на добивање одговори за секое прашање што би го имале работниците а е во насока на заштитата на нивните работни места, како и подготвување на документ/договор во кој јасно ќе се опишани условите со кои се согласуваат работниците во случај на промена на сопственоста. Без мислењето како и согласноста од страна на синдикатот, било какви промени ќе можат да се оспорат во релевантните судски институции. Работниците во Макпетрол не се без заштита и тие мора да бидат свесни за тоа“, вели Милан Живковиќ од фондацијата „Фридрих Еберт“.

Додека КХВ го троши последниот ден од законскиот рок во кој мора да се изјасни за тоа дали ја прифаќа понудата на „Балкан Петролеум“, неизвесноста и сомнежот и натаму преовладуваат во јавноста околу овој случај. Прашањето што сите си го поставуваат е: ќе се дозволи ли црн капитал од матни источноевропски бизниси да влезе во македонското стопанство?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП