30 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРаст на индексите на Волстрит

Раст на индексите на Волстрит

Wall-Street

На Волстрит во четврток индексите Dow Jones и S&P 500 достигнале ново рекордно ниво, благодарејќи на скокот на цената на акциите во финансискиот сектор по подобрите од очекуваното деловни резултати на JPMorgan.

Dow Jones зајакна 134 бодови или 0,73 отсто, на 18.506бодови, додека S&P 500 порасна 0,53 отсто, на 2.163 бодови, а Nasdaq индексот 0,57 отсто, на 5.034 бодови.

Новиот рекорд на индексите Dow Jones и S&P 500 е условен со растот на цените на акциите во финансискиот сектор, откако најголемата американска банка според активата, JPMorgan, објави значително подобри квартални деловни резултати од очекуваното.

Цената на акциите на JPMorgan скокна 1,5 отсто, додека S&P индексот во финансискиот сектор зајакна 0,9 отсто.

Освен во банкарскиот сектор, пораснаа цените на акциите во рударскиот, технолошкиот, како и секторот на производители на стоки за широка потрошувачка, кои би требало да имаат најголема полза од јакнењето на економијата.

Објавените макроекономски податоци за невработеноста и цените на производите укажуваат на забрзување на растот на американската економија во второто тромесечје, по забавувањето во првото.

„Пазарот покрена неколку добри економски показатели, како и резултатите на JPMorgan. Но, наскоро ќе ги видиме резултатите на другите банки бидејќи не можат сите да работат толку добро како JPMorgan, која има добар менаџмент“, вели Фил Орландо, стратег во компанијата Federated Investors.

Денеска деловни извештаи ќе објават шест банки, меѓу кои Wells Fargo и Citigroup, а инвеститорите се надеваат на нови позитивни изненадувања.

Во анкетата на Reuters аналитичарите проценуваат дека заработките на компаниите од
системот на S&P 500 индексот во второто тромесечје паднале пет отсто во однос на истиот период лани, веќе четврт квартал по ред.

Но аналитичарите обично проценките ги поставуваат ниско за да им биде полесно на компаниите да ги надминат очекувањата, што отвора простор за раст на цените на акциите.

На берзите позитивно влијае и уверението на инвеститорите дека американската централна банка, Федералните резерви(Фед), заради пореметувањата на пазарите по одлуката на Британците да ја напуштат Европската унија(ЕУ) нема оваа година да ги зголемат каматните стапки, додека другите најголеми централни банки во светот наскоро би можеле дополнително да ја олабават монетарната политика.

Bank of England во четврток ги разочара инвеститорите бидејќи не ги намали каматните стапки како што се очекуваше. Но, таа можност ја најави за седницата во август.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП