Американските богаташи чуваат рекордни износи на готовина на сметките стравувајќи дека заради американските претседателски избори би можеле да загубат поголеми суми, рече еден од извршните директори на USB групата.
Челникот на американската подружница на оваа швајцарска банка Боб МекКен за Reuters изјави дека клиентите имаат доверба во економијата, но дека се колебаат да инвестираат бидејќи изборите што ќе се одржат на 8-ми ноември се непредвидливи.
Иако цените на акциите на американските берзи достигнаа нови рекордни нивоа оваа недела, многу клиенти се држат подалеку од акциите бидејќи не сакаат да ризикуваат загуби, како оние што ги претрпеа во 2008-ма година.
„Историски гледано, индивидуалните инвеститори го дефинираат ризикот со прашањето „колку превирања можат да поднесат во својот портфељ?“. Оваа дефиниција сега се промени во ‘колку можат да си дозволат трајно губење на пари’?“, наведува МекКен.
Непредвидливата, понекогаш жестока реторика на претседателските кандидати им дава причина за загриженост. Еден твит на кандидатката на Демократската партија Хилари Клинтон доведе во септември до пад на цените на акциите на Biotech.
Републиканскиот кандидат, пак, Доналд Трамп, вети дека ќе ги отфрли законите за финансиска реформа, дека ќе ги принуди Канада и Мексико повторно да преговараат за Северноамериканскиот договор за слободна трговија и дека ќе воведе високи царини на кинескиот и мексиканскиот увоз.
Анкетата на USB спроведена меѓу 2.200 инвеститори откри дека 84 отсто од нив сметаат дека американските претседателски избори ќе имаат значително влијание врз нивното финансиско здравје, рече МекКен.
Индивидуалните инвеститори во последните пет години во просек доследно држат 20 отсто од својот портфељ во готовина, покажуваат податоците на USB.
Многу најбогати клиенти на USB толку се престрашени од загубите што ги претрпеле за време на финансиската криза во 2008 година, така што инсистираат најмалку 25 отсто од своите удели да ги држат во пари, дури и кога се сигурни во економијата, рече МекКен.
„Забележуваме од 2009-та година па наваму поголемо држење на готовина од она што традиционално се мисли. Не мислам дека тоа е привремена појава“, заклучи МекКен.