19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦените на нафтата скокнаа од најниските нивоа во два месеца

Цените на нафтата скокнаа од најниските нивоа во два месеца

nafta 93939

Цените на нафтата на меѓународните пазари во вторникот отскокнаа од најниските нивоа во последните два месеца со поддршката од послабиот американски долар во однос на кошницата валути од шесте земји најголеми трговски партнери на САД, иако и натаму се притиснати од големите вишоци на резервите од нафта.

На лондонскиот пазар со барелот нафта во вторникот се тргуваше по цена од 47,36 долари, што значи дека поскапел за малку повеќе од долар во однос на затворањето на тргувањето во понеделникот. Вчера, пак, цената падна за 50-ина центи, а накусо во текот на тргувањето се спушти и на 45,90 долари, најниското ниво од 11-ти мај.

На американскиот пазар, пак, барелот во вторникот поскапе за 87 центи, на 45,63 долари. Во понеделникот го затвори тргувањето со минус од 65 центи.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) објави дека референтната цена на барелот нејзина кошничка нафта во понеделникот изнесувала 42,21 долари, што значи дека паднала за 40-ина центи во однос на претходниот трговски ден.

Во понеделникот цените на нафтата накусо се лизнаа на најниските нивоа во последните два месеца, поради обновените стравувања во врска се прекумерната понуда.

На тој проблем во вторникот се надоврза саудискиот министер за енергетика Калид ал-Фатх, изјавувајќи дека за нафтената индустрија потребна е цена на нафтата над 50 долари по барел за да се зачуваат вложувањата и додавајќи дека поради вишоците на резервите од нафта притисоците во насока на намалување на цените нема да ослабат.

„Потребни ни се цени поголеми од 50 долари за да постигнеме рамнотежа на нафтените пазари на подолг рок. Но, на пазарите и натаму постојат вишоци од резерви – стотици милиони барели вишоци нафта. Ќе биде потребно доста време тие да се намалат“, изјави ал-Фатх во разговорот за германскиот деловен весник Handelsblatt.

Во вторничното тргување поддршка на цените им даде движењето на меѓународните валутни пазари на коишто американскиот долар ослаби за 0,4 отсто во однос на шесте клучни светски валути. Британската фунта притоа скокна од најниските нивоа по 31 година во однос на доларот поради стивнувањето на политичките тензии во Британија и надежите во дополнителни пакети поттикнувачки мерки, поради што зајакна наклонетоста на вложувачите кон поризичните инвестиции. Во таквата атмосфера истовремено растеа цените на пазарите на акции и стоки.

Покрај тоа, растот на цените на нафтата се припишува и на вестите за кусото запирање на товарењето во танкер во Ирак и контроверзните извештаи за нови напади врз нафтените постројки во Нигерија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП