Во Дебар е во тек асфалтирањето на главните улици. Се асфалтираат главните улици : 8 Септември, Братство Единство, центарот на градот, како и одредени помали, но мошне фреквентни улици во градот.
Градоначалникот Ружди Лата изјави дека во тек е асфалтирање на околу 10 илјади квадратни метри улици.
Според него станува збор за активности кои ги реализира локалната власт во партнерство со населението и локалниот бизнис.
„Овие активности се поврзани со Проектот за санација и уредување на улиците во градот, каде што воедно се врши и поплочување на тротоарите со дебарски камен“, вели Лата.
Реализатор на работите е градежното претпријатие Пелагонија од каде што велат дека за два дена асфалтирањето на улиците ќе заврши во целост.
По целосното завршување на Дебарското шеталиште кое е поплочено со квалитетен дебарски камен, асфалтирањето на улиците ќе значи и крај на бројните проблеми што ги имаа дебарчани со оштетените улици.