27 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕвропската унија започна постапка за санкционирање на Шпанија и Португалија

Европската унија започна постапка за санкционирање на Шпанија и Португалија

port e44

Министрите за финансии на Европската унија одлучија да започнат постапка за санкционирање на Шпанија и Португалија поради нарушувањето на фискалните правила на Унијата. Како резултат на одлуката Европската комисија ќе треба да понуди какви и да се паричните казни во следните 20 дена, јави „Ројтерс“.

Комисијата соопшти минатата недела дека Мадрид и Лисабон не оствариле доволно напори за да го надминат вишокот на буџетски дефицит во 2014-та и 2015-та година, започнувајќи ја официјална процедура со санкции, до кои досега не се стигнаа.

На редовната средба во Брисел министрите за финансии на ЕУ ја поддржаа оценката на Комисијата, се вели во заедничката изјава со која се потврдува очекуваното решение.

Двете земји сега ризикуваат да бидат казнети со до 0,2% од бруто домашниот производ (БДП) и со делумно запирање на европските структурни фондови. Тие сепак може да поднесат барања за намалување или укинување на казните во рок до 10 дена.

Шпанскиот министер за финансии Луис де Гуиндос вели дека очекува Комисијата да предложи симболична „нула“ глоба и инсистираше на тоа дека не се потребни нови буџетски мерки заради нарушувањето на фискалните правила на ЕУ во последните години.

Министерот за финансии на Португалија Марио Сентено исто така, рече дека верува оти не се потребни нови мерки.

Јерон Дејселблум, шеф на групата на министрите за финансии на еврозоната, сепак, рече дека резервираната позиција на Комисијата е поверојатна како можност само ако Шпанија и Португалија ги преземат дополнителните активности за да се намали тековниот и идниот дефицит.

Шпанија се соочува со тешкотии со формирањето на влада по два нерешителни резултати од парламентарните избори во рок од шест месеци. Привремената влада нема многу правен простор да предложи нови мерки за намалување на овогодинешниот дефицит. ЕК прогнозира дека тој ќе биде во висина од 3,9% од БДП-то, што е над максимумот во нејзините насоки од 3,7% и многу над границата од 3% во согласност со правилата на ЕУ.

Португалија ќе го намали дефицитот под 3% во оваа година, но според проценките на Комисијата земјата нема да ја постигне фискалната цел усогласена со партнерите од ЕУ.

Комисијата сега има 20 дена да го предложи износот на казните и најверојатно ќе ја објави својата одлука на 27-ми јули на последната средба пред летните одмори, коментираат претставници на ЕУ.

Брисел може да не предложи санкции ако Мадрид и Лисабон успеат да ги докажат исклучителните околности поради кои ги прекршиле фискалните правила. Земјите од ЕУ сепак ќе мора да го одобрат овој предлог.

„Сигурно има можност во рамките на оваа постапка земјите да поднесат мотивирани барања за намалување на потенцијалните санкции или најверојатно за нивно симнување до нула“, рече Валдис Домбровскис, еврокомесар за финансиски прашања.

Неколку министри истакнаа дека опцијата за нулта санкции стои како можност.

„Казните се јасно дефинирани во договорот, до 0,2%. Но „до“ значи и помалку или нула“, рече австрискиот министер за финансии, Ханс Јерг Шелинг.

„Сигурен сум дека конечно ќе имаме разумен, интелигентен резултат“, рече и Петер Казимир, министерот за финансии на Словачка и претседател на советот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП