17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСобранието ја усвои завршната сметка на буџетот за 2015-та година

Собранието ја усвои завршната сметка на буџетот за 2015-та година

sobranie-sala

Собранието, без присуство на опозицијата, ја усвои Завршната сметка на Буџетот на Република Македонија за 2015 година.

Според министерот за финансии Кирил Миноски, податоците од завршната сметка покажуваат дека фискалните политики предвидени за 2015 година се остварени и оти се надминати некои параметри. Остварен е и раст повисок од предвидениот, извозот бележи раст во однос на увозот, а стапката на невработеност е намалена на најниско ниво досега од 24,6 проценти.

„Реалниот раст на БДП во 2015 година, изнесува 3,7 отсто, како резултат на растот на извозот и потрошувачка, како и на фискалниот стимул преку буџетските расходи за инфраструктурни проекти, што резултирше со висок раст на градежната активност. Позитивен придонес врз економскиот раст имале и услужната дејност и индустриското производство. Проекцијата за реален раст на БДП во 2015 година изнесуваше 3,5 отсто, а отстапувањето е главно последица на повисоката стапка на раст на градежништвото од проектираната. Просечната стапка на инфлација во 2015 година изнесуваше 0,3 отсто, покажува завршната сметка“, рече Миноски.

Невработеноста е намалена на најниско ниво досега, посочи Миновски, како резултат на инвестициите на странските инвеститори во слободните економски зони, владините активни мерки за вработување и проектот „Македонија вработува“.

Надворешно-трговската размена во 2015 година е зголемена за 6,7 отсто, како резултат на растот на извозот на стоки од 8,8 отсто и на увозот на стоки од 5,3 отсто на номинална основа.

Вкупните приходи на Буџетот, како што рече Миновски, лани се реализирале на ниво од 96,6 отсто во однос на планираните. Толкав процент на реализација во однос на планираните средства има и кај вкупните буџетски расходи кои се со износ од 180.632 милиони денари.

Државниот долг, оцени ресорниот министер, беше на умерено ниво и изнесуваше 38 отсто од БДП.

Според пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, завршната сметка на Буџетот е потврда за успешните економски политики на Владата минатата година, но политичката криза од опозицијата ќе се одрази на планираните параметри за годинава.

Неговиот сопартиец Крсто Муковски упати забелешка за отсуството на опозицијата од расправата, потенцирајќи дека завршната сметка за 2015 година е добар урнек, кој, како што рече, економистите на СДСМ треба добро го простудираат за да видат како успешно се спроведуваат економски политики во една држава.

„За жал, со ова што го прават денеска и продолжуваат да го прават влијаат на стандардот на граѓаните, на растот на БДП, за кој што од утре ќе зборуваме и ќе биде намален од предвидениот. Сето тоа е по исклучителна вина на СДСМ, свесно одат да и наштетат на економијата и не бираат ниту средства ниту методи на кој начин да дојдат на власт“, рече Муковски.

Опозицијата, која ја бојкотира работата на собранието, сепак, во среда, на денот кога на собраниска седница почна расправата за завршната сметка на Буџетот, обвини дека таа е само уште еден доказ за лошото, недомаќинско планирање и реализирање на фискалните и лошите економски политики на власта во 2015 година.

„И со овој буџет како и со сите претходни од 2008 год. наваму владата ги задолжила граѓаните и стопанството за нови 320 милиони евра само по основ на дефицити на буџетите. Од 2008 година до денес владата создала нов долг од неверојатни една милијарда и осумстотини и седумдесет милиони евра доведувајќи го јавниот долг во 2015 год на историски највисоко ниво во изминативе 25 год. од 46,5 отсто од БДП. Ваквото живеење на кредит и во 2015 година се должи на неспособноста на оваа влада дури и во годината кога растот на БДП е повисок од планираниот (планиран 3.5% остварен 3.7%) да не може да ги релизира планираните приходи во 2015 год“,рече Хари Локвенец, од СДСМ, на прес-конференција.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП