Регистрацијата на нови автомобили во Германија, клучен показател за побарувачката во најголемата европска економија, силно пораснала во јуни, покажуваат официјалните податоци.
Во јуни се регистрирани вкупно 339,6 илјади нови автомобили, што е за осум отсто повеќе од истиот месец минатата година, според податоците на германската федерација на производители на автомобили VDA.
Во првите шест месеци оваа година регистрацијата на нови возила во Германија пораснала седум отсто, на 1,734 милиони возила во однос на истиот период лани.
„Германскиот пазар на автомобили покажува сигнали на виталност што многумина не очекуваа“, рече претседателот на VDA, Матијас Визман.
VDA уште на почетокот на мај ја подигна прогнозата на годишна регистрација на нови возила за ова година, предвидувајќи скок на регистрацијата од три отсто на 3,3 милиони.
Пред тоа, VDA предвидуваше скок на регистрацијата од еден отсто на 3,23 милиони.
„Перформансите од првото полугодие се добра почетна позиција за успех на второто полугодие“, додаде Визман.