11 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕУ сопре 27,1 милиони евра од ИПА фондовите за Македонија

ЕУ сопре 27,1 милиони евра од ИПА фондовите за Македонија

eu evra 22

Европската унија, поради политичката криза која предолго трае во Македонија, почна да воведува санкции, а како една од првите е суспендирањето на 27,1 милиони евра од ИПА фондовите.

Оваа мерка на Брисел, како што дознава телевизијата Алсат, доаѓа како контраодговор на недостигот на политичка волја за спроведување на Договорот од Пржино кој беше постигнат пред една година со посредство на ЕУ. Европската комисија испратила известување за првите санкции на властите во земјава на 22 јуни, што владини извори го потврдуваат, но не сакале да го коментираат износот.

Се позивесно е и дека и Вашингтон подготвил санкции против службени лица вмешани во евентуална корупција. Така во јавноста излезе информација дека на поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, му била одбиена визата за патување во САД, но од американската амбасада во земјава не го коментираа случајот.

„Иако не можеме да ги коментираме личните барања за визи, борбата против корупцијата е еден од клучните приоритети на Владата на САД во Македонија и во целиот свет. Во согласност со претседателската изјава 7750, Стејт Департментот може да им забрани влез во САД на корумпирани функционери. Ние овие одлуки ги донесуваме по разгледувањето на информациите од многу извори“, соопштија од амбасадата во Скопје.

Од амбасадата на САД ги повикаа Владата, граѓанското општество и медиумите да продолжат да ги истражуваат имотите на високите функционери и да ги објавуваат доказите за можна корупција.

Во петокот евроамбасадорот Аиво Орав, придружуван од амбасадорите на земјите членки на Унијата порача дека Европската унија е загрижена поради политичката криза која наместо да се решава, се најде во ќор-сокак.

„Политичките лидери мора да се вклучат во отворен дијалог за решавање на политичката криза и партиите да се согласат како понатаму да се имплементира Пржинскиот договор“, порача во петокот евроамбасадорот Аиво Орав.

„Владеењето на правото е основа за силно демократско општество, а исто така важно е да се имплементираат реформските приоритети што ги предложи Европската комисија. Остануваме загрижени за проблемите со кои се соочува Специјалното јавно обвинителство при својата работа. Ги повикуваме сите тела, особено партиите кои се согласија да се воспостави СЈО, да престанат да го опструираат и да му дадат целосна поддршка“, порача евроамбасадорот.

Според него, политичките партии мора да договорат излез од политичката криза што поскоро, односно не за неколку недели или месеци, туку денови.

„Сите повторуваме дека Пржинскиот договор останува најдобар начин за земјата да излезе од актуелната криза. Во интерес на земјата и на нејзиниот евроатлантски пат е главните политички партии да договорат заеднички начин за излез од кризата во следните денови, а не во недели или месец“, рече Орав.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП