17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГрција го отстапи пристаништето Пиреjа на кинеската компанија Коско

Грција го отстапи пристаништето Пиреjа на кинеската компанија Коско

pireja 9999

Грчкиот парламент денес ја одобри продажбата на 67 отсто од акциите на пристаништето Пиреја на кинеската компанија Коско (Cosco), непосредно пред посетата на грчкиот премиер Алексис Ципрас на Пекинг.

Мнозинството присутни пратеници, 223 од 248, гласаа са одлуката за давање под концесија на пристаништето Пиреја на кинескиот транспортен гигант Коско, кој во април со грчката Агенција за приватизација склучи договор за тоа вреден 368,5 милиони евра.

Против гласаа пратениците на Грчката комунистичка партија и неонацистичката партија Златна зора.

Компанијата Коско во среда остро се спротивстави на предлогот за измена на понудата инициран од страна на грчкото Министерство за трговска морнарица и ја обвини владата дека сака да ги промени „договорените услови на работење“ од понудата на компанијата за купување на пристаништето.

Министерот за трговска морнарица Тодорис Дрицас морал да ги прифати барањата на кинеската компанија.

Медиумите блиски до опозицијата наведуваат дека владата се обидела на компанијата Коско да и наметне правила со кои се гарантира дека нема да биде променета намената на пристаништата и предвидува укинување на одделни привилегии утврдени со договорот.

Водечката опозициска партија Нова демократија, која ја поддржува концесијата, го оцени владиниот потег како „неодговорен“ и потсети дека пред изборите во јануари минатата година, лидерот на владејачката Сириза и премиер Алексис Ципрас бил против приватизација на пристаништето Пиреја.

Компанијата Коско беше единствена заинтересирана за концесија бидејќи веќе работи во пристаништето Пиреја и од 2008 година ги контролира нејзините два најголеми терминала.

Целта на компанијата е трансформирање на пристаништето Пиреја во најголем транзитен центар во Југоисточна Европа и мост меѓу Азија и Европа.

Ципрас денеска отпатува во шестдневна посета на Кина на покана на кинескиот премиер.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП