19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАХрватска во Шенген по 2018-та година

Хрватска во Шенген по 2018-та година

scheng

Хрватска до крајот на годината би можела да заврши со подготовката за влегувањето до Шенген, а по 2018-та и да влезе во зоната на слободното движење внатре во ЕУ, изјавиле во петокот во Загреб високи владини претставници, пренесуваат хрватските медиуми.

По влегувањето во ЕУ пред точно три години, следниот предизвик за Хрватска е приклучувањето кон зоната без внатрешни гранична контрола, во која се 22 од 28 земји членки, како и уште четири држави кои не се во ЕУ. Хрватските министри за надворешни и внатрешни работи, Миро Ковач и Влахо Орепиќ за овој приоритет на официјален Загреб изјавиле дека земјата мора што поскоро да ги заврши сите подготовки.

„Мислам дека можеме да ги завршиме сите подготовки до крајот на годината“, изјавил Орепиќ. Според Ковач, пак, поради изборите во Германија и Франција следната година не е реално Хрватска да се надева дека ќе влезе во оваа зона пред 2018-та година.

„После тоа ќе добиеме нови водства во овие две важни земји. Мислам дека од 2018-та па натаму е можно Хрватска да влезе во Шенген зоната“, рекол Ковач. Европската комисија за прилагодувањето на стандардите во Хрватска ставила на располагање 120 милиони евра, од кои досега биле искористени 81 процент.

Европејците секоја година остваруваат повеќе од милијарда патувања внатре во шенгенскиот простор, што за Хрватска претставува голем потенцијал, изјавил шефот на мисијата на Европската комисија во Загреб, Бранко Баричевиќ.

„Хрватска е на патот за остварувањето на оваа цел, а за да се приклучи потребно е исполнување на критериумите преку што ќе придонесеме за одржувањето на безбедноста, довербата и слободата на движењето“, истакнал тој. Спроведувањето на шенгенскиот систем започна во 1995-та година помеѓу седум членки на ЕУ, а оваа зона денес го опфаќа поголем дел на Унијата, без Бугарија, Хрватска, Кипар, Ирска, Романија и Обединетото Кралство.

Бугарија и Романија се уште се во постапка за пристапување во оваа зона, а Исланд, Норвешка, Швајцарја и Лихтенштајн се дел од шенгенскиот простор, иако не се членки на европскиот блок. За влез во Шенген системот земјите мора да исполнат низа услови, како што се одговорност за контролата на надворешните граници и издавањето на единствени визи, потоа контрола на копнените, морските и воздушните граници, полициска соработка и заштита на податоците од користењето на шенгенскиот информациски систем.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП