17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНа Волстрит раст на индексите трет ден по ред

На Волстрит раст на индексите трет ден по ред

wall stre35

На Волстрит и во четвртокот цените на акциите силно пораснаа, трет ден по ред, бидејќи инвеститорите беа охрабрени од британската централна банка со најавата за нови поттикнувачки мерки.

Индексот Dow Jones зајакна за 1,33 отсто, на 17.929 поени, додека S&P 500 индексот порасна за 1,36 проценти, на 2.098 поени, а Nasdaq индексот скокна за 1,33 отсто, на 4.842 индексни поени.

Во последните три дена цените на акциите на Волстрит пораснаа за повеќе од 4,5 отсто, што е нивниот најголем тридневен скок во последните четири месеци, па ги надоместија речиси сите загуби кои дојдоа веднаш по одлуката Велика Британија да ја напушти Европската унија.

За да ги примири пазарите, во четвртокот гувернерот на Bank of England, Марк Карнеј, изјави дека централната банка веројатно ќе мора уште летово да внесува нови економски поттикнувачки мерки. Тоа ги расположи вложувачите, па вчера скокнаа цените на акциите во сите десет сектори од S&P 500 индексот.

„Мислам дека од време навреме повторно ќе се појавуваат стравувања на пазарот поради Брекзит. Но мислам дека и финансиските и економските последици од тоа нема да бидат толку големи како што стравуваа вложувачите“, вели Џим Паулсен, стратег во фондот „Wells Capital Management“.

Растот на цените на акциите доаѓа благодарејќи и на надежите дека американската централна банка Federal Reserve (Fed) поради Брекзитот и нарушувањата на пазарите ќе се воздржи од зголемувањето на каматите. Трговците на паричниот пазар проценуваат дека по британската одлука постојат само 16 отсто изгледи Fed да ги зголеми клучните каматни стапки до крајот на годинава.

Вложувачите во четвртокот беа расположени и од новите податоци коишто укажуваат на забрзување на растот на американската економија, по забавувањето во првиот годинешен квартал.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП