Најголемото здружение на француските работодавачи го критикуваше нацрт законот за труд, сметајќи дека промените кои се внесени за да се намали отпорот на синдикатите се толку комплицирани што нема да доведат до нови работни места.
Идејата на социјалистичката влада на претседателот Франсоа Оланд, кој има историски најлош рејтинг, е десет месеци пред новите претседателски избори да го олесни вработувањето и отпуштањето за да ја намали големата за француски услови невработеност.
Предлог законот идната седмица ќе биде ставен последен пат на гласање во долниот дом на француското Национално собрание и покрај силниот отпор на тврдолинијашките синдикати кои сметаат дека тој предлог ја фаворизира позицијата на работодавачите на кои им овозможува да ги заобиколуваат законите и полесно да ги отпуштаат вработените.
Здружението на работодавачите Medef ги изнесе своите критики во четвртокот вечерта неколку часа откако синдикатите ги одбија последните владини обиди да го измени предлог законот кој им дава повеќе моќ на компаниите во одредување на висината на платата и работните услови. Синдикатите сметат дека таквите промени во предлогот се недоволни.
„Овој закон нема да стори ништо околу невработеноста“, изјави Пјер Гатаз, претседателот на Medef, и додаде дека законот „само ги прави работите уште покомплексни и повеќе никој не го разбира“.
„Проблемот на Франција е што мораме да ги намалуваме трошоците на трудот и големите даноци, и треба да го направиме животот полесен за нашите мали и средни компании“, заклучи Гатаз.
Претседателот Оланд со синдикатите веќе четири месеци е во понекогаш насилни судири околу предлог законот кој внесе силен раздори и меѓу неговите владејачки социјалисти.
Измените на предлогот кои владата ги предложи во средата, набрзо во четвртокот беа отфрлени ако недоволни за одржување на стандардот за заштита на работниците.
„Владата остана глува за нашите предлози“, соопшти во четвртокот CGT во заедничката изјава со уште шест други синдикати. „Ова ќе се заврши на улица“, изјави за весникот Le Parisien Филип Мартинез, претседателот на CGT, еден од најголемите француски сојузи на синдикати.
На долготрајните протести на улиците ширум Франција забележливо е опаѓањето на масовноста, но и натаму постои големо противење на реформите.
Оланд и неговата влада одбиваат да се откажат од предлог законот кој реформите кој ја подели Социјалистичката партија на традиционалните левичари и сојузниците на претседателот Оланд, кои се наклонети на реформите. Владата беше затоа принудена да ги протурка предлог законот со указ во долниот дом на парламентот низ уставниот член познат како 49:3.
Оланд најави дека истото ќе го повтори во Националното собрание при повторното читање на законот на 5-ти јули, доколку дисидентите меѓу социјалистичките пратеници и натаму даваат отпор на реформите.
„Да нема сомневања околу тоа. Законот ќе биде изгласан и потпишан на време. Ни сакал да видам мнозинска поддршка. Доколку тоа не се случи, повторно ќе прибегнеме кон членот 49:3“, изјави Оланд за весникот Les Echos.