7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЧелниците на ЕУ отфрлаат неформални преговори со Лондон

Челниците на ЕУ отфрлаат неформални преговори со Лондон

цхелници-тт

Европската унија нема неформално да преговара со Велика Британија за нејзиното истапување од блокот сé додека Лондон не го активира членот 50 од Лисабонскиот договор за ЕУ, истакнаа во понеделникот Германија, Франција и Италија.

Германската канцеларка Ангела Меркел се сретна во понеделникот во Берлин со францускиот претседател Франсоа Оланд и со италијанскиот премиер Матео Ренци. Освен разговорите за излегувањето на Велика Британија од Европската унија, тројцата челници повикаа на „нови поттици“ за јакнењето на Унијата.

„Се согласивме дека членот 50 од европските договори е многу јасен – земјата членка која сака да ја напушти Европската унија мора за тоа да го извести Европскиот совет“, изјави Меркел на заедничката прес-конференција со Оланд и Ренци во Берлин.

„Не може да има никакви натамошни чекори додека тоа не се случи. Дури тогаш Европскиот совет ќе издаде насоки според коишто ќе се преговара за излегувањето. Тоа значи, и ние се согласуваме околу тоа, дека нема да има неформални ниту формални разговори за излегувањето на Британија сé додека Европскиот совет не добие барање за напуштање на Унијата“, прецизираше германската канцеларка.

Оланд и Ренци ја истакнаа потребата што е поскоро можно да се реши тоа прашање, за да може да се насочат на предизвиците со коишто се соочени преостанатите 27 земји членки на ЕУ.

„Не смееме да губиме време, ниту кога станува збор за решавање на прашањето на излегувањето на Обединетото Кралство на соодветен начин, ниту во давањето нов поттик за Европската унија. Нема ништо полошо од неизвесност“, истакна Оланд.

Британските избирачи на референдумот на 23-ти јуни се изјаснија за излегување на Велика Британија од ЕУ со 52 отсто наспроти 48 отсто гласови за останување.

Британскиот премиер Дејвид Камерон претходно во понеделникот во својот говор пред пратениците изјави дека одлуката на британските гласачи за излегување мора да се почитува и дека „Британија самата“ одлучува за тоа кога ќе го покрене процесот на излегување со активирањето на членот 50 од Лисабонскиот договор.

„Британската влада нема да го активира членот 50 во оваа фаза… тоа е наша суверена одлука и неа Британија ќе ја донесе самата“, истакна Камерон.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП