На последниот трговскиот ден од оваа седмица на Македонската берза за хартии од вредност се склучија три блок трансакции, и тоа две со акциите на Комерцијална банка АД Скопје со вкупен промет од околу 6,46 милиони денари и една со акциите на Скопски пазар АД Скопје со вредност од 1,5 милиони денари.
Сепак. најголем промет, исто како и претходните денови беше остварен со 267.439 обврзници за денационализација РМДЕН15 по просечна цена од 92,50 отсто. Вкупната вредност на трансакциите беше 15,262 милиони денари истргувани преку 33 трансакции.
Најголем пад на вредноста од (-1,53 отсто) со просечна цена од 451 денар забележа акцијата на Гранит АД Скопје, а по неа следеа акциите на Стопанска банка АД Скопје – приоритетни акции со пад од (-1,40 отсто) и просечна вредност на акцијата од 351 денар и акцијата на Комерцијална банка АД Скопје со пад (-1,33 отсто) и просечна вредност на акцијата од 2.141,00 денари.
Наспроти нив најголем раст од (+0,11 отсто) бележеше акцијата на Алкалоид АД Скопје со просечна цена од 5.007,30 денари за акција.
Индексот МБИ-10 денот го заврши со пад на вредноста од 0,50 отсто, и изнесуваше 1.711,56 индексни поени, додека пак индексот ОМБ остана непроменет.