Словенечката премиерка Аленка Братушек најави почеток на приватизација на државниот имот, како дел од мерките за борба против кризата.
Според нејзините зборови, владата напорно работи на изработка на реформи и финансиска стабилизација, кои официјално ќе бидат претставени до 9 мај.
„Ќе подготвиме програма за стабилизација и реформи до 9 мај, и веднаш потоа ќе ги испратиме до Брисел. Свесни сме дека немаме на располагање недели и месеци, туку само денови“, рече Аленка Братушек, пренесува „France press“.
„За три недели од доаѓањето на оваа влада, не е возможно да се поправи се што порано било направено погрешно“ рече Братушек на конференцијата за новинари.
Таа исто така додаде дека владата ќе подготви ревизија на буџетот, бидејќи наследениот буџет е „далеку од добар“, бидејќи е заснован на нереалистични проценки.
Братушек додаде дека нејзината влада затекнала многу полоша ситуација на државниот буџет отколку претходната влада и веројатно ќе биде потребна ревизија на буџетот и зголемување на некои даноци, најверојатно ДДВ-то, пренесоа словенечките медиуми.
Таа најави дека нејзината влада ќе продолжи да работи на санација на банкарскиот систем, на програмата за финансиска стабилизација и дека ќе преземе први чекори на приватизација на делови од државниот имот.
Владата на парламентот во текот на наредните две недели ќе им даде предлог за приватизација на две поголеми компании во државна сопственост, рече Братушек, додавајќи дека нејзина желба е да се продаде и една од банките.
„Новата влада не може да ги руши проектите на претходната и да ги почнува од почеток, а со реформите треба да се продолжи“, рече премиерката.
Европската комисија во средата соопшти дека Словенија и Шпанија претставуваат најголем ризик во еврозоната, додека пак, Организацијата за економска соработка и развој (OECD) ја повика Словенија итно да го доведе во ред својот банкарски систем.
Трошоците за задолжувањето на Словенија, денес, достигнаа ниво од 6,84 проценти, што е блиску до опасното ниво од седум проценти.