3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВо 66 општини определени локациите за „Купи куќа за млади“

Во 66 општини определени локациите за „Купи куќа за млади“

mladi proekt3

Преку проектот „Купи куќа за млади“, младите до 35 години можат да добијат до 33.000 евра субвенции – неповратни средства од Владата за купување, изградба или надградба на куќа, а за таа цел, во 66 општини се определија локациите каде ќе може да се градат новите населби од проектот.

Процедурата е едноставна, па така граѓаните кои ги исполнуваат условите, треба прво да обезбедат градежна парцела за изградба на куќа, потоа треба да обезбедат изведбен и идеен проект за куќата или бесплатно да го преземат од веб-страницата на Министерството за транспорт и врски, да се добие одобрение за градба од Општината и да се склучи преддоговор за изградба на објектот со изведувач.

„Со цел обезбедување на поголем број градежни парцели, Агенцијата за катастар на недвижности активно се вклучи во проектот „Купи куќа за млади“ од самиот почеток. Катастарот и општините предложија голем број потенцијални локации во сопственост на Република Македонија кои понатаму беа предмет на анализи од страна на општините и Министерството за транспорт и врски, а сѐ со цел локациите да се урбанизираат и да се продадат на граѓаните по почетна цена од 1 евро за метар квадратен. По извршената анализа на локациите, во 66 општини во Република Македонија се определија точните локации каде што ќе се градат новите населби од проектот „Купи куќи за млади“, рече Славче Трпески.

Постапката за урбанизирање на овие локации започнува со изготвување ажурирани геодетски подлоги. Агенцијата за катастар на недвижности ќе изготви ажурирани геодетски подлоги за 36 локации со вкупна површина од околу 700 хектари, и тоа за општините во Скопје, понатаму Битола, Гевгелија, Пробиштип, Охрид, Велес, Берово, Василево, Босилово, Ново Село, Свети Николе, Лозово, Кавадарци, Штип итн. или вкупно 36 општини. Се предвидува овој процес на изработка на ажурирани геодетски подлоги да заврши до средината на јули за поголемиот дел, а целосно да заврши до крајот на август оваа година.

Преостанатите 30 локации ќе се урбанизираат од страна на Министерството за транспорт и врски.

„Денес сме тука, во Општина Сопиште, каде што отпочнуваме со теренските работи за изготвување ажурирана геодетска подлога која ќе биде искористена за изработка на урбанистички план на површина од 31 хектар и очекуваме ажурирањето да заврши заклучно со јули“, додаде Трпески.

По завршувањето на ажурирањето на податоците, тие ќе бидат доставени до Агенцијата за планирање на просторот која ќе ја изработува планската документација, а по усвојувањето на Советот на општината, градежните парцели во државна сопственост ќе бидат понудени за продажба за проектот „Купи куќа за млади“ со почетна цена од 1 евро за метар квадратен.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП