20 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРаселени рекордни 65,3 милиони лица во светот

Раселени рекордни 65,3 милиони лица во светот

begalci 33

Рекордни 65,3 милиони луѓе се раселени ширум светот, а многумина од нив бегајќи поради војните се соочиле со нови пречки, поостри закони и ксенофобија кога ги минувале границите, соопшти УНХЦР во извештајот „Глобални трендови“ кои се однесуваат на податоците за минатата 2015 година.

Бројката, којашто се зголемила од 59,5 милион луѓе во текот на 2014 година и за 50 отсто во последните пет години, значи дека на секои 113 луѓе на планетата во моментов еден човек е бегалец, барател на азил или раселен во сопствената татковина.

Борбите во Сирија, Авганистан, Бурунди и Јужен Судан, го предизвикале најновиот егзодус, наведува УНХЦР во извештајот објавен по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на бегалците.

„Бегалците и имигрантите преминаа преку Средоземното Море и стигнаа на европските брегови, а пораката што ја носат со себе е, доколку не ги решите проблемите, проблемите ќе ве стигнат вас. Болно е што беше потребно толку долго време за луѓето во богатите земји тоа да го сфатат. Потребна ни е акција, политичка акција којашто ќе ги сопре судирите, тоа би била најважната превенција за бегалскиот бран“, изјави високиот комесар за бегалци при светската организација, Филипо Гранди на прес-конференцијата во Женева.

Минатата година во развиените земји се сместени рекордни 2 милиони нови баратели на азил, се наведува уште во извештајот. Близу 100.000 деца без придружба или одвоени од своите родители, што е тројно повеќе отколку во претходната 2014 година.

Германија, каде што на секои тројца баратели на азил еден е по потекло од Сирија, е водечка со 441.900 барања за азил, потоа следат САД со 172.700, а повеќето од тамошните баратели на азил побегнале пред насилствата предизвикани од судирите меѓу бандите и наркокартелите во Мексико и во централна Америка.

Во земјите во развој се уште сé сместени 86 отсто од бегалците во светот, најмногу во Турција во којашто има 2,5 милиони Сиријци, а потоа следат Пакистан и Либан, се наведува во извештајот.

Барателите на азил кои успеале да побегнат пред сиромаштијата, судирите и прогоните, се повеќе се соочени со пречки и ксенофобија.

„Порастот на ксенофобијата, за жал, станува многу јасна иднина во опкружувањата во коишто работиме. Пречките ги има насекаде, и не зборувам само за оградите. Зборувам за законските пречки кои се јавуваат, вклучително и во земјите од индустријализираниот свет кои долго време беа бастиони на принципите во одбраната на основните права поврзани со азилот“, истакнал Гранди.

Откако земјите на северот и западот од Европа ги затворија границите и воведоа построги гранични контроли одбивајќи ги економските имигранти, а нивниот чекор го следеа и земјите од таканаречената балканска рута, вклучително и Македонија, Турција и Европската унија постигнаа договор да го запрат приливот од мигранти.

„Фактот дека приливот (од мигранти) е запрен, не значи дека е завршен проблемот на раселените лица. Можеби завршил за некои земји, кои повеќе не се занимаваат со него, засега“, додава претставникот на УНХЦР.

Од договорените шеми за прераспределување на 160.000 баратели на азил во Грција и во Италија во другите членки на Европската унија, за да се ублажи притисокот врз овие две земји кои се главните точки за влезот на имигрантите на европскиот континент, преместени се само 2.406 лица, покажуваат податоците на ЕУ.

Запрашан во застојот во преместувањето на тие луѓе, Гранди одговори. „Нема план Б за Европа. Европа ќе продолжи да прима луѓе кои бараат азил“ и додаде „Сите мораме да ја преземеме одговорноста“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП