15 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААзиските вложувачи внимателни, доларот јакне

Азиските вложувачи внимателни, доларот јакне

берзи-азиски-европски-berzi-aziski-evropski

На азиските берзи во средата се тргува претпазливо, бидејќи вложувачите не сакаат да ризикуваат пред одлуките на американската централна банка и референдумот за британското излегување од Европската унија.

На токиската берза индексот Nikkei во претпладневното тргување беше во плус од 0,5 отсто, додека цените на акциите во Хонгконг и Шангај пораснаа меѓу 0,5 и 1,5 отсто, Берзанските индекси во Јужна Кореја, Сингапур и Австралија, пак, паднаа меѓу 0,1 и 0,5 отсто, па индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, беше во минус 0,1 отсто.

Азиските вложувачи се претпазливи бидејќи на њујоршки Волстрит во вторникот цените на акциите паднаа четврти дена по ред, што се последица на воздржаноста на инвеститорите за поризични вложувања пред одлуките од дводневната седница на американската централна банка, во однос на можното зголемување на каматите, како и британскиот референдум за иднината на земјата во ЕУ.

Внимателноста на пазарите е последица од повеќедневниот пад на цените на нафтата. Во вторникот на лондонскиот пазар цента на барелот се лизна за 70-ина центи, на 49,12 долари, најниското ниво во последните две седмици. На американскиот пазар, пак, барелот поевтини на 47.80 долари, што е неговата најниска цена во последните три седмици.

На почетокот од тргувањето во средата цените на акциите во Шангај и Хонгконг значително паднаа, откако американската компанија којашто го составува MSCI индексот повторно одби да ги вброи најважните кинески акции во овој индекс, порачувајќи дека кинеските регулатори мораат дополнително да „поработат на либерализација на пазарите“.

Сепак, подоцна во текот на тргувањето кинеските индекси пораснаа, бидејќи, според аналитичарите, тамошните пазари најмногу зависат од домашните инвеститори, а помалку од странските.

И на валутните пазари преовладува претпазливоста, при што американската валута благо зајакна. Нејзиниот курс во однос на јапонската валута во средата претпладнето достигна 106,15 јени, додека во вторникот во истиот период од тргувањето изнесуваше 105,95 јени.

Доларот зајакна и кон европската валута, па цената на еврото се лизна на 1,1205 долари, од вчерашните 1.1290 долари. Еврото, како и британската фунта, е од притисок поради стравувањето на вложувачите од нарушувањата на финансиските пазари, доколку Британците се решат да ја напуштат ЕУ.

Од друга страна, јакнат валутите кои се сметаат за сигурни засолништа за капиталот во несигурните времиња, како што се јапонскиот јен и швајцарскиот франк. Во фокусот на вложувачите е и кинеската валута, имајќи предвид дека тамошната централна банка во средата утрото го одреди средниот курс на јуанот во однос на доларот на најниското ниво уште од јануари 2011 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП