8 декември, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИвановски: Во Брисел договараме македонските граѓани да плаќаат поевтина роаминг-услуга во ЕУ

Ивановски: Во Брисел договараме македонските граѓани да плаќаат поевтина роаминг-услуга во ЕУ

digitalizacija1403_g

Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, заедно со директорот на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) Роберт Ордановски, денеска во Генералниот директорат за комуникациски мрежи, содржини и технологии при Европската комисија договараа македонските граѓани во иднина да добијат поевтина роаминг-услуга при престојот во некоја од 27-те земји членки на Европската унија.

Како што јавува дописникот на МИА, Ивановски и Ордановски денеска разговараа со Директорот на таканаречениот ДГ Конект при Комисијата, Роберт Меделин, од кого побараа граѓаните на Република Македонија да плаќаат иста роаминг-тарифа, како и граѓаните на Унијата при патувањето и престојот во Унијата.

– Со Генералниот директор на ДГ Конект дискутиравме на неколку теми меѓу кои најзначајна е онаа за роаминг-услугите што граѓаните на Република Македонија ги плаќаат кога патуваат во земјите од Европската унија. Ова беше иницијатива поттикната од наша страна за да видиме која е насоката и пред се кои се можностите за роаминг-услугите кои ги плаќаат македонските граѓани да бидат исти со оние што ги плаќаат и граѓаните во Европската унија. Имавме одлична средба со конкретни дискусии кои ќе донесат и следни чекори се со цел да стигнеме до таа можност како земја-кандидат за членство во ЕУ, нашите граѓани кога патуваат во границите на 27-те земји-членки на Унијата да не плаќаат четири до девет пати повисоки цени од она што го плаќаат граѓаните на ЕУ, изјави министерот Ивановски по средбата.

Според информациите на министерот, тој и директорот на АЕК Ордановски објасниле кои се македонските позиции и ставови, како и дека АЕК има направено и детална анлиза за тоа каде најмногу се движат македонските граѓани и кои се цените што ги плаќаат, со цел да може Македонија, како предводник на регионот да ги повлече и земјите блиску до нас како Србија, Црна Гора и Косово за преку регионална иницијатива да се стигне до целта, а тоа е сите граѓани од нашиот регион да плаќаат исти, помали услуги во европските земји.

Запрашан дали има конкретен предлог од Комисијата во оваа насока и кога може да се очекува Македонците да користат поевтини роаминг-услуги во ЕУ, министерот Ивановски посочи дека тој и директорот Ордановски на оваа средба имале позитивно изненадување што на овој проблем во моментов веќе се работи во Европската унија и тоа е еден од приоритет на еврокомесарката Нели Крос.

– Во ДГ Конект при Комисијата се надеваат дека за брзо време тие ќе можат да излезат со конкретни предлози. Но, Македонија како предводник на оваа регионална иницијатива беше многу позитивно прифатена од генералниот директор Меделин и тој ни посочи дека во наредниот период ќе не следат и ќе се обидат да ни помогнат со неколку работилници и состаноци со цел побрзо да ја реализираме оваа иницијатива оти на нив ќе им помогне потоа да го сторат истото со останатите земји кои се кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ, додава Ивановски.

А, за тоа дали тој и првиот човек на АЕК побарало македонсктие граѓани конкретно за некоја од земјите-членки на Унијата да плаќаат поевтин роаминг или барањето е за намалување на цената за роаминг за сите 27 земји од ЕУ, министерот посочи дека барањето е за сите земји да имаме иста, евтина роаминг-услуга.

Во рамки на неговата еднодневна посета на Брисел, министерот за информатичко општество и администрација попладнево во Директоратот за проширување на Европската комисија ќе се сретне и со Александра Кас-Грање која е прв човек за досието Македонија во најважниот директорат на ЕК за нашата земја. Тема на дискусија на состанокот Ивановски – Кас-Грање се очекува да бидат исполнетите реформи во рамки на Пристапнито дијалог на високо ниво (ХЛАД) во делот за кој е одговорно министерството што го предводи Ивановски, пред се за предложениот Закон за медиуми.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП