3 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПромоција на „Со ветрот под рака“ од Долорес Атанасова-Лори

Промоција на „Со ветрот под рака“ од Долорес Атанасова-Лори

ветрот-под-рака

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје ја најавува промоцијата на новата поетска збирка на Долорес Атанасова-Лори, „Со ветрот под рака“, која ќе се одржи во вторник, во фоајето на кино „Фросина“ при МКЦ, со почеток во 20.30 часот.

Промотор на делото ќе биде Митко Гогов, а стихови од збирката ќе читаат Верица Недеска-Трајкова, Тања Сладиновска и Верица Андреевска-Спасовиќ. Промоцијата ќе биде збогатена со музичкиот настап на групата Старовски проект.

Со ветрот под рака е втората поетска збирка на Д.А. Лори и се состои два поетски циклуса, од кои вториот претставува сиџо-поезија или, со зборовите на авторката, „твитер-поезија од XIII век, па наваму“.

„Д.А. Лори ни нуди таков жар додека читаме што забораваме дека внатрешното устројство е исполнето со интимен порив. Соживувањето со поетскиот глас е неизбежно, стилската изведба со жестокост, но и со доза избалансирана, умерена итрост си поигрува со архетипите што ни се досега (не)познати, симболичност што плови на моменти во мирно море, а на моменти нè фрла во вакуумот помеѓу карпата и бранот што удира во неа. Чувството да се има новата книга на Д.А. Лори, Со ветрот под рака, во свои раце пред другите и да знаеш дека таа создала едно дело што ќе остане врежано во историјата на современата македонска поетика е уникатно, прекрасно, во најмала рака ветровито“, пишува во рецензијата кон книгата поетот Митко Гогов.

Д.А. Лори (Долорес Атанасова-Лори) е родена на 26 октомври 1974 година во Германија. Раното детство го поминува во Германија, а потоа се сели со семејството во Охрид, каде што ги поминува остатокот од детството и средношколските денови, сè до заминувањето во Скопје на студии по англиски јазик и книжевност во 1993 година. Д.А. Лори денес работи како професор по англиски јазик во Скопје. Дел од нејзината поезија е објавена во Букбокс, во поетската збирка 100 000 поети за промена и во е-книгата Поетискон. Нејзината прва книга, Будење во трето лице еднина, беше издадена од „Блесок“ во 2014 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП