5 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАИзложба на Горанчо Ѓорѓиевски во Мала станица

Изложба на Горанчо Ѓорѓиевски во Мала станица

goranco 3335

Во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, во понеделник, во 20 часот, ќе се отвори изложба на Горанчо Ѓорѓиевски насловена Happy Birthday 7.VIII.2014-6.VIII.2015.

Модерниот свет, сега веќе поодамна, тргна по патот на технолошкиот и комуникациски развој. Последица, цел или причина на оној развој, а можеби и сето тоа заедно, е глобализацијата, која со своите алатки, рекламата и медиумската манипулација, креира промена на свеста на современиот човек поништувајќи една меморија и носталгија, а создавајќи нешто што не знаеме што е. На тој и таков терен, уметникот Горанчо Ѓорѓиевски прави емотивен гест од кој создава концепт за проект, кој се претвора во сериозно уметничко истражување на општествените мрежи. Започнал со роденденска честитка за пријател на Фејсбук на 7 август 2014 година и продолжил во ист дух секојдневно да праќа честитки на пријателите од Фејсбук, сè до 6 август 2015 година. Така, сега има околу 400 честитки. Прво место од кое закачил честитка беше од Скопје, потоа следат Њујорк, Цетиње, Софија, Загреб, Љубљана итн.

Сакал да избегне гугл-фотографии, па направил свои и тоа со мобилен телефон, почитувајќи го на тој начин фотожаргонот на Фејсбук. Во почеток, тоа биле само фотографии на локации, потоа почнува да обрнува внимание на профилите на пријателите на Фејсбук за да направи фотографии блиски на нивниот карактер и на нивните интереси. „Селфи“ го заменува со своите прсти. Почнува да му станува битно дали профилите се отворени или затворени, дали допуштаат честитката да биде видлива или не, потоа лајковите од пријателите, па лајковите од пријателите на пријателите, па коментарите и споделувањата, и на крајот, интервенциите на честитките, посебно од Божидар Дамјановски, како и визуелните честитки кои него му ги пратиле пријателите за неговиот роденден, по неговиот принцип, нешто како Фејсбук-фидбек. Во текот на работата, понекогаш морал да ги замоли пријателите да го испратат на одалечени локации, да изработи реквизити, скришно да фотографира таму каде што фотографирањето е забрането, стрпливо да чека момент за фотографија итн. На крај сите честитки ги испечатил, ги авторизирал и ги потпишал.

Горанчо Ѓорѓиевски, на овој начин, споил неколку работи врзани за современото информатичко и дигитално и нет-општество. Тоа е речиси манијакална потреба да се биде секаде и тоа секаде да биде фотодокументирано, со што се објавува ЈАС БЕВ ОВДЕ (и бит и битие и сопство и его и супер его и ерос и танатос…). Тоа е новоцивилизациска замена на човекот во дигиталната пештера за отисоци од рацете на човекот во пештерите од каменото време. Иста цел, иста дистанција. Тоа е концептуално и/или новоконцептуално направен знак, означител и означено. Темата е роденден. Ден кога се родило сосема одредено човечко битие.

Ден според кој се мерат сите останати земски денови на тоа битие. Ден кој посебно е посебен и во светот на друштвените мрежи. Фотографијата, непретенциозна, е направена со мобилен телефон. На неа има и текст со елементарни податоци. Важно е што текстот и сликата се надополнуваат, па нема причина едното да го толкува другото, толкувањето е веќе на ниво на „лајкови“ (допаѓања), а има и дополнителни повратни интервенции и коментари на делото. Се заедно се чини и како концепт и како дело и како исказ, па остануваме нерешителни дали е сето тоа заедно претстава или симбол на состојбите во уметноста во кои сме. Како целата теорија на историјата на уметноста да е на проверка, а и роденденот, најчесто површен знак, со овој проект како да станува икона на современото општество.

Општ впечаток е дека Горанчо Ѓорѓиевски е уметник кој тврди: И уметникот е присутен и уметноста не е отсутна, а со овој проект како да додал шармантен, но сериозен коментар: Фактот дека не знаеме кога е родена уметноста, не значи дека таа не постои.

На отворањето на изложбата, посетителите ќе можат да ја пронајдат испечатената авторизирана честитка која им е упатена преку Фејсбук и слободно да си ја земат како поклон .Соработник или коавтор на дел од делата е и познатиот македонски уметник Божидар Дамјановски кој живее и работи во Белград. Текстот за изложбата го напиша Милош Вујановиќ, професор на Академијата за ликовни уметности во Нови Сад, а куратор на изложбата е Марјан Ѓорѓиев.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП