Република Македонија во септември следната 2017 година првпат ќе бидат домаќини и организатори на манифестацијата за доделување на престижната награда ,,Микелети’’ за најдобар музеј во Европа, едно од најзначајните европски признанија во областа на музеологијата, изестуваат во неделата од Министерството за култура.
Оваa одлука на Бордот на Европската музејска академија, донесена на годишната средба во мај годинава која се одржа на грчкиот егејски остров Лезбос, е од исклучително значење за Македонија и претставува големо признание на заложбите на Министерството за култура во областа на музеолошката дејност, во чии рамки беа преземени голем број на инвестиции, кои резултираа со изградба на повеќе музеи во кои е презентирано богатото културно и историско минато на нашите простори, заклучуваат во министерстовото.
Одржувањето на овој значаен настан во земјата, истовремено е и одлична можност учесниците и гостите од Европа да се запознаат со културно-историското богатство и туристичкиот потенцијал на градот Скопје и на Македонија.
На церемонијата на доделување на наградата „Микелети“ која ќе се одржи во „Музејот на македонската борба“, освен членовите на бордот на ЕМА и претставниците на номинираните музеите, ќе присуствуваат истакнати универзитетски професори по музеологија од европските универзитети, како и други видни гости, меѓу кои и принцезата од Луксембург, Сибила. Во рамките на овој значаен настан, ќе се одржи и меѓународен музеолошки семинар на кој ќе бидат презентирани најновите трендови во европската музеологија. На семинарот на кој ќе учествуваат европски стручњаци од оваа област, музејските работници од Македонија ќе имаат одлична можност да се запознаат со најновите достигнувања во музејската дејност.
„Музејот на македонската борба“, во 2013 година, во турскиот град Бурса, како финалист за наградата „Микелети“ во конкуренција на 21-на врвна институција од Европа, од страна на Европската музејска академија доби посебно признание за ентузијазмот и за големите достигнувања во зачувувањето на националното богатство, во европски рамки. Музејот, исто така, во рамките на Форумот за словенски култури, во 2015 година, во Санкт Петербург беше добитник и на Специјалната награда „Жива“ за необична презентација.
Целта на Европската музејска академија, е преку интернационално претставување на музеите, да го промовира истражувањето во музеографијата и музеологијата како високо културно збиднување, и да поттикне дискусии за нови изложбени поставки и музеи преку спојување на музеолошките сознанија и идеи од припадниците на оваа професија. Наградата „Микелети“ за прв пат е доделена во 1996 година од фондацијата „Луиџи Микелети“ и била наменета за светските музеи со историски, индустриски и научен карактер, на новите иновативни музеи или стари кои во меѓувреме претрпеле ремоделирање или пренамена.