Руската централна банка ја намали основната каматна стапка за прв пат по речиси една година со 0,5 поени до 10,5%, соопшти „CNBC“. Одлуката до голем степен ги оправдува очекувањата на аналитичарите.
Во јули минатата година еднонеделната репо каматна стапка беше намалена до 11% и оттогаш регулаторот ја поддржуваше претпазлива политика поради инфлациските ризици.
Од почетокот на оваа година, инфлацијата на годишно ниво се намалува и во последните три месеци до мај, нејзината вредност беше 7,3%. Целното ниво на банката е 4% плус-минус два процентни поени.
Покрај тоа економијата на Русија се намалува од почетокот на 2015-та година, поради што растат и причините за поддршка на паричните олеснувања.
„Руската централна банка ќе ја разгледа можноста за дополнително намалување на каматите на база на оценките за инфлациските ризици и тоа до тој степен што падот на инфлацијата се совпаѓа со прогнозираната траекторија“, пишува во соопштението на банката.