Милионерите ќе контролираат повеќе од половина од светското богатство до 2020-та година, се наведува во новиот извештај, цитиран од „CNBC“. Според него најбогатите милионери ќе заработат најмногу.
Бројот на домаќинствата кои поседуваат милиони, во светот се зголеми за 6% во 2015-та година до 18,5 милиони, покажува извештајот на „Boston Consulting Group Global Wealth“. Растот сепак забележува забавување во однос на 11-те проценти во 2014-та година.
Сепак милионерите контролираат 47% од богатството во светот, а до 2020-та година овој процент ќе достигне 52%, се наведува во извештајот. Најбогатите од богатите ќе заработат најмногу, особено во САД. Оние со над 20 милиони долари во САД ќе контролираат 29% од богатството на земјата до 2020-та година во однос на 24% во 2015-та година и 20% во 2010-та година, се наведува во извештајот.
Бројот на луѓето со под 1 милион долари ќе се намали до 29% вкупно од 34% во 2015-та година и 40% во 2010-та година.
Трендот веројатно ќе се забрза во следните пет години, бидејќи се очекува најголем профит да оди меѓу најбогатите. Американските домаќинства со над 20 милиони долари ќе остварат раст на богатството со повеќе од 7,6% во следните пет години, се вели во извештајот. Во САД средствата на богаташите со помеѓу 1 милиони и 20 милиони долари ќе се зголемат за 5,7%, додека парите на луѓето со помалку од 1 милион долари ќе се зголемат за 1,2%.
Најсилен раст на глобалните милионери во 2015-та година се гледа во Азија, без Јапонија, каде милионерите се зголемиле за 17% до 3,6 милиони домаќинства. Потоа доаѓа Западна Европа со 11% раст до 3,9 милиони, бројот на милионерите во Латинска Америка пак се зголеми за 7% до 400.000.
Северна Америка го оствари најслабиот раст во однос на сите региони, па бројот на милионерите се зголемил за помалку од 1% до 8,4 милиони домаќинства. За споредба растот во 2014-та година беше од 9%.
Сепак САД продолжува да имаат најмногу милионери – 8 милиони луѓе. Кина е на второ место со 2,1 милиони, следена од Јапонија – 1,1 милиони, и Обединетото Кралство со 961 илјади.
Земјата со најмногу домаќинства кои поседуваат милиони, по глава на жител – т.н. густина на милионери е Лихтенштајн, каде 19% од домаќинствата се милионери. Швајцарија е на второ место со 15%, проследено со Бахреин – 13%, и Катар – 12,7%. САД се на деветтото место со 6,5%.
Генерално приватното богатство во светот порасна за 5,2% во 2015-та година до 168 илјади милијарди долари. Тоа забележува забавување во однос на растот од 7% во 2014-та година.
Во следните пет години се очекува богатството да се концентрира уште повеќе во рацете на богатите, па дури и во оние на најбогатите.
Иако растот на богатството во 2015-та година главно се должи на пари во кеш и депозити, во предвид на слабите берзи, богатството во следните пет години ќе се генерира од капитал, се вели во извештајот. Од речиси 15 илјади милијарди долари, кои се очекува да бидат генерирани до 2020-та година, речиси 14 илјади милијарди долари ќе дојдат од капитал, што формира 69% од глобалното богатство во 2020-та година во однос на 62% во 2015-та година и 54% во 2010-та година.