Светска банка ја зголеми проекцијата за раст на македонската економија. Во најновиот, јунски, глобален извештај се предвидува зголемување на Бруто домашниот производ за 3.7% за годинава, а за следните две години за 4% што е за по 0.3 процентни поени повеќе од претходниот, јануарски извештај.
Светска банка нотира дека во 2015-та Македонија завршила со раст од 3.7% што е меѓу повисоките во регионот.
„Ерменија, Косово и Македонија испорачаа раст од над 3%, земји кои имаат блиски економски врски со Европската Унија. За разлика од нив Белорусија и Молдавија кои се поврзани со руската и украинската економија влегоа во рецесија во 2015-та година“ се наведува во извештајот „Глобални економски изгледи“.
Во анализата не е посветено поголемо внимание на поединечните економии, за македонската воопшто не се споменува влијанието на политичката криза или повлекувањето на депозитите кои беше поттикнато од шпекулативни дејствувања.
Истовремено Светска Банка изврши корекции на проекциите и за речиси сите останати земји од регионот. Албанија годинава треба да има раст од 3.2% (намалување од 0.2%), Босна од 2.6% (зголемување од 0.3%), Бугарија од 2.2% (нема промени), Хрватска од 1.9% (зголемување од 0.5%), Косово од 3.5% (зголемување од 0.1%), Црна Гора од 3.7% (зголемување од 0.8%), Србија од 1.8% (нема промени), Турција од 3.5% (нема промени).
На глобално ниво меѓународната финансиска институција изврши надолна корекција за растот на светската економија за 0.5 процентни поени, односно од 2.9% во јануарскиот извештај на 2.4% во јунскиот.
„Новата проекција е резултат на тромиот раст во развиените економии, тврдоглаво ниските цени на производите, слабата глобална трговија и намалените приливи на капитал… Во опкружување со слаб раст и еродирање на амортизациските политики структурните реформи стануваат уште поитни приоритети“ изјави претседателот на групацијата Светска Банка, Џим Јонг Ким при презентацијата на извештајот.
Извештајот проектира раст од 1.9% во Соединетите Држави, од 1.6% во Еврозоната, од 6.7% во Кина и намалување од 1.2% во Русија која ќе остане во рецесија до следната година.
К. Н.