19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДегустација на италијанска храна и вино во „La Dolce Vita”

Дегустација на италијанска храна и вино во „La Dolce Vita”

dolcevita335

Италијанскиот Фестивал кој по трет пат се одржува во Македонија, оваа година нуди богата програма на гастрономски, културни и бизнис настани со цел да се претстави најдоброто од „Made in Italy“ и е организиран од ИЧЕ- Италијанската агенција за промоција и интернационализација на италијанските компании во странство во соработка со Амбасадата на Република Италија во Македонија.

Италијанскиот Фестивал започнува денес во Скопје со „La Dolce Vita“ со дегустација на вина и италијански прехранбени производи, на која учествуваат 17 италијански компании и ги претставуваат најдобрите вина, маслиново масло, тестенини, сирења и други прехранбени производи од регионите: Тоскана, Пуља, Лацио, Сардинија, Сицилија, Модена, Лигурија и Пјемонте.

Дегустацијата, која по трет пат се одржува во Скопје, во рамките на Италијанскиот Фестивал Македонија 2016, ќе почне во 15.30 часот, а е посветена на презентација и дегустација на италијански прехранбени производи и вина кои се уште не се присутни на македонскиот пазар, и има за цел да се промовира нивниот извонреден квалитет како и да овозможи влез на нови италијански брендови на македонскиот пазар. Станува збор за специјализиран настан наменет пред се за увозниците и дистрибутерите на храна и вино, за големите ланци на супермаркети, енотеки, ресторани, хотели и фирми за кетеринг, за медиуми и специјализирани списанија.

Првиот дел од настанот ќе биде посветен на бизнис средби меѓу претставниците на италијанските компании и македонските увозници и дистрибутери на храна и вина. Во попладневните часови, посетителите ќе имаат можност да дегустираат специјалитети и леб типични за регионот Сардинија. Дегустацијата на вина ќе ја водат меѓународните судии за вино, Ивана Симјановска и Пол Капуто, кои во таа прилика ќе одржат Мастерклас по енологија.

Постојаниот пораст на квалитетот на животот на македонскиот потрошувач придонесе до прогресивен пораст на побарувачката за италијански прехранбени производи и како резултат на тоа тие се се’ поприсутни на пазарот. Италијанските производи кај македонските потрошувачи уживаат имиџ на луксуз и квалитет; некои производи како пармезанот, маслиновото масло и кафето поставуваат нови стандарди во угостителството.

Италијанската агенција за промоција и интернационализација на италијанските компании во странство е државна агенција која има за цел да ја промовира и поддржи трговската соработка на Италија со други земји со активности насочени кон интернационализација на италијанските компании и нивното присуство на странските пазари, со посебен акцент на малите и средните претпријатија и нивните здруженија. Преку централата во Рим, канцеларијата во Милано и мрежата на канцеларии во светот, ИЧЕ Агенцијата се занимава со информирање, поддршка и промоција на компании и институции, корпоративни и индивидуални обуки и промоција на соработката во сите бизнис сектори. Надвор од Италија ИЧЕ Aгенцијата работи во рамките на италијанските дипломатски претставништва и во тесна соработка со коморите и бизнис здруженијата им нуди координирана поддршка на италијанските компании заинтересирани за влез на странските пазари. Преку ИЧЕ Агенцијата италијанските компании имаат можност да се запознаат со странските пазари преку детални статистички и пазарни анализи, информации за правната и даночната регулатива, да добијат информации за бизнис и инвестициските можности во различни сектори, како и поддршка при дефинирањето стратегија за настап на странските пазари.

Во рамките на Канцеларијата на ИЧЕ Агенцијата во Скопје работи посебен деск кој има за цел да прибира и да им презентира на италијанските компании информации во врска со бизнис можностите поврзани со проекти во секторите: инфраструктура, енергетика, земјоделие и животна средина. Дескот издава месечен билтен на италијански јазик, со информации за проектите и тендерите кои се однесуваат на горенаведените сектори и е наменет за италијанските компании кои работат во Македонија или се заинтересирани да настапат на македонскиот пазар.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП