3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСамо општи лекари за вториот оглас за софинансирани специјализации

Само општи лекари за вториот оглас за софинансирани специјализации

doktorinela

На вториот оглас за софинансирани специјализации распишан од Министерството за здравство избрани се 74 кандидати, а со нив треба да се зајакне капацитетот на специјалистичко ниво во 17 јавни здравствени установи низ државата.

Вториот оглас за софинансирани специјализации беше наменет само за општи лекари кои не се запишани на специјализација и не се вработени во ЈЗУ, додека првиот за доктори веќе запишани на приватна специјализација и согласно Законот се потпишале договорите за софинансирање.

Според министерот за здравство Никола Тодоров, ова е дел од реформата за надминување на недостигот од специјалисти во определени области, како и целокупно унапредување на специјалистичко-консултативната здравствена заштита.

Со вториот оглас, појасни, во некои установи се комплетно пополнети местата за софинасирани специјализации кои беа објавени, имајќи предвид дека станува збор за дефицитарни специјалности. На Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедија, анестезија и реанимација, интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) се пополнети сите 20 објавени места за кофинансирани специјализации од областа на анестезиологија со интензивно лекување.

На Клиниката за детски болести се пополнети сите пет места за софинансирана специјализација од областа на педијатрија. Доделени се сите пет кофинансирани специјализации од областа на нуклеарна медицина (2 за ПЕТ Центар и 3 за Институт за патофизиологија и нуклеарна медицина), рече Тодоров и потенцира дека значителен број софинансирани специјализации се доделени и за: Клиничката болница Штип (10), општите болници во Струмица (7), Прилеп (6), Струга (3), Куманово (3), Кочани (3), Кавадарци (4), Велес (3), Кичево (1), Гостивар (1), Охрид (1), Гевгелија (1) и Клиничка болница Тетово (1).

Кандидатите ќе почнат со специјализација од септември, и согласно Законот, ќе засноваат работен однос на определено време со јавната здравствена установа во периодот на спроведување на специјалистичкиот стаж и за тој период ќе примаат плата, а потоа по завршување на специјализацијата, докторите се вработуваат без објавување на оглас во ЈЗУ за која се пријавиле за специјализација.

Според Тодоров, оваа мерка овозможува значаен бенефит за установите, како на пример: во Општата болница – Прилеп првпат е доделена специјализација по гастроентерохепатологија, а досега ваква специјалност немало во таа установа, што ќе значи помалку упатувања за една година од Прилеп и Кичево кон други градови, како и сериозно растоварување на установите во други градови, особено скопските болници и клиники.

Општата болница во Прилеп ја надополнуваат специјалноста урологија со уште една софинансирана специјализација, во Општата болница во Кочани првпат е доделена специјализација од областа на оториноларингологија, во Општата болница во Гевгелија првпат е доделена специјализација од областа на ортопедија, а во Клиничка болница во Тетово првпат е доделена специјализација по ендокринологија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП