Германското индустриско производство повторно порасна во април, по остриот пад во претходниот месец, информираше во министерството за економија и енергетика, додека податоците за новите нарачки предупредуваат на слаба побарувачка надвор од еврозоната.
Во април сезонски прилагоденото индустриско производство пораснало 0,8 отсто во однос на претходниот месец, кога потона 1,1 отсто.
Закрепнувањето почиваше на 2,2 отстотниот скок на производството на инвестициски добра, додека активностите во преработувачката индустрија во целост пораснале 1,1 отсто, покажуваат податоците на министерството.
Ист процентен раст на производството е забележан и во енергетскиот сектор, додека градежниот забележал пад на активноста за 1,7 отсто во однос на март
Во министерството послабиот резултат на градежниот сектор го толкуваат, меѓу другото, со „изоставувањето на вообичаената пролетна активност по благата зима“.
Воедно прогнозираат продолжување на умереното закрепнување на активностите во индустријата во втората половина на годината, „по фазата на блага слабост во втората половина на 2015 година, условена од надворешни економски фактори“.
Објавените податоци во понеделник за новите индустриски нарачки во април ја потврдуваат оценката за слабото меѓународно опкружување. Така сезонски прилагодените нови нарачки на германската индустрија во април паднале два отсто во однос на претходниот месец кога според ревидираните податоци скокнале 2,6 отсто.
При тоа, странските нарачки потонале 4,3 отсто, пригушени со 8,3 отстотниот пад на побарувачката од земјите надвор од еврозоната. Нарачките од еврозоната се зголемени 2,5 отсто.