1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАУчениците неупотребливи за компаниите ако немаат пракса

Учениците неупотребливи за компаниите ако немаат пракса

praksa deca 33

Фирмите се жалат дека не можат да обезбедат квалификуван стручен кадар, а од друга страна само 40 отсто од нив оствариле соработка со средни стручни училишта и го прифаќаат дуалниот систем на образование кој предвидува учење преку работа, односно практична работа за средношколците.

Како што покажува анкетата на Стопанската комора направена неодамна исто така само 40 отсто од компаниите кои се вклучени во системот за практична работа за средношколците, вработиле двајца или тројца од нив по завршување на учењето, а само 9 отсто од компаниите вработиле до шест ученици кои биле кај нив на практична работа.

Дефицитарни се струките поврзани со електромашинската и металната струка, текстилната струка, угостителството и туризмот и рударско-геолошката струка, но најмногу фалат ѕидаро-тесари.

„Кај компаниите постои првичен интерес да се вклучат во процесот на дуално образование, но многу од нив не се упатени што тоа всушност претставува. Тие трошат пари за дообука на нестручен кадар, наместо да го обучат уште додека е во образовниот процес“, вели Софче Јовановска, советник во Стопанската комора која презентираше дел од анкетата.

Со дуалното образование директно се придонесува за поголема конкурентност на претпријатијата и за намалување на невработеноста, како и за одливот на стручниот кадар.

„Помалку од десет отсто е невработеноста во земјите кои го негуваат системот на дуално образование, а 70 отсто од најдобрите менаџери во светот минале токму ваков циклус на школство – паралелно учење теорија и стекнување пракса во соодветна компанија“, рече Јовановска. Спротивно на ова кај нас се уште се стравува дека ако средношколците работат додека учат, ќе завршат како чираци, наместо како академски граѓани.

Компаниите се резервирани во однос на праксата на средношколците затоа што треба да им дозволат да работат на скапи машини, но од Комората посочуваат дека, при реализирањето на практичната работа се ангажирани обучени ментори.

Како што посочи Јаневска, во Министерството за образование веќе се размислува за воведување некаков облик на субвенционирање на компаниите да се вклучат во овој систем на образование, но каков ќе биде тој модел рано е да се каже.

Во однос на дуалното образование во Европа, предничат Германија, Австрија и Швајцарија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП