19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААзиските вложувачи внимателни, доларот закрепнува

Азиските вложувачи внимателни, доларот закрепнува

berza azija 355

На азиските берзи денеска се тргува претпазливо по разочарувачки показатели од американската економија, но поддршката на пазарите им дава уверувањето на вложувачите дека американската централна банка Federal Reserve (Fed) нема така скоро да ги зголеми каматните стапки.

На токиската берза индексот Nikkei во претпладневното тргување во понеделникот беше во минус 0,7 отсто, додека цените на акциите во Шангај и Хонгконг паднаа за околу 0,1 процент. Берзанските индекси во Сингапур и Австралија пораснаа меѓу 0,4 и 0,7 отсто, додека во Јужна Кореја и уште некои земји поради празниците берзите не работат. Така, индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во понеделникот претпладнето беше во плус од 0,6 отсто.

Падот на токискиот Nikkei индекс е последица на високиот курс на јапонскиот јен во однос на американскиот долар, бидејќи тоа им штети на јапонските извозници, имајќи предвид дека поради силната национална валута слабее нивната конкурентност со цените на производите на странските пазари.

А доларот ослабе во петокот, откако беше објавено дека во мај во САД биле отворени само 38.000 нови работни места, најмалку во последните пет ипол години, додека аналитичарите очекуваа 164.000. Тие лоши показатели предизвикуваат сомневања во закрепнувањето на најголемата светска економија, по забавувањето на растот во првиот годинешен квартал. Меѓутоа, сега повеќе ниедна водечка банка во анкетата на Reuters не очекува дека Fed веќе во јуни ќе ги зголеми клучните каматни стапки, што позитивно влијае врз пазарите на акциите.

Поддршка на пазарите им дава и растот на цените на нафтата. Откако минатата седмица на американскиот пазар цената на барелот падна за 1,1 отсто, во понеделникот претпладнето порасна за 0,9 отсто, на 49,05 долари за барел. На лондонскиот пазар, пак, цената на барелот порасна за 0,7 отсто, на 49,97 долари, откако мината седмица забележа веќе осми раст во последните девет седмици.

А на валутните пазари доларот помалку закрепна, по остриот пад во петокот. Неговиот индекс, кој ја покажува вредноста на американската валута во однос на шесте најважни светски валути најголеми трговски партнери на САД, зајакна во понеделникот претпладнето за 0,2 отсто, на 94,23 поени, откако потона во петокот за 1,6 отсто, што беше неговиот најголем дневен пад од февруари.

Доларот во однос на јапонската валута зајакна за 0,6 отсто, на 107,16 јени. Американската валута, пак, зајакна и во однос на европската за 0,2 отсто, па цената на еврото се лизна на 1,1340 долари.

Во фокусот на вложувачите денеска ќе биде говорот на претседателката на Fed, Џенет Јелен по што ќе биде многу појасно дали е можно скоро зголемување на каматните стапки на американската централна банка. Во саботата претседателката на филијалата на Fed во Кливленд, Лорета Местер, изјави дека се чини оти дека постепеното зголемување на каматните стапки и натаму е можно, бидејќи слабите показатели од американскиот пазар на труд не ја промениле вкупната економска слика.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП