14 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПродолжува социјалната криза во Франција

Продолжува социјалната криза во Франција

pariz

Во Франција владее чудна атмосфера, една седмица пред почетокот на европското фудбалско првенство социјалната криза во која е вплеткана извршната власт ја води земјата во несигурност, но таа тема во петокот е ставена во втор план од поплавите во северниот дел од земјата кои однесоа три жртви.

Штрајковите во сообраќајот и оспорувањето на реформите за законот за работни односи во петокот не ги интересираа медиумите во Франција, кои се занимаваа со рекордно високите водостои на Сена и нејзините притоки.

Но во петокот и натаму траеја штрајковите во железничкиот сообраќај, во рафинериите на нафта, во нуклеарните централи и во некои центри за преработка на отпадот, како и во компанијата Париски аеродроми (ADP). Воздухопловната компанија „Air France“ соопшти дека нејзиниот персонал ќе штрајкува во периодот од 11-ти до 14-ти јуни.

Извршната социјалистичка власт се обидува да ја смири состојбата пред отворањето на Еуро2016. Премиерот Мануел Валс го оцени како „разбирлив чекор“ продолжувањето на штрајкот во железниците SNCF каде што социјалните партнери на масата имаат план кој гарантира високо ниво на заштита на вработените. Штрајкот во SNCF во петокот ноќта го продолжија два синдиката, без оглед на повиците на претседателот на јавното претпријатие Гијом Пепи да го прекинат штрајкот „во знак на солидарност“ со Французите коишто трпат последици од поплавите.

Една од главните синдикални федерации – Unsa, се повлече од штрајкот, бидејќи е „задоволна“ од објаснувањето дадено од управата. Стапката на учество во штрајкот во петокот паднала на 10,5 отсто, наведува управата, а во четвртокот изнесуваше 15,2 отсто. Но нарушувањата во сообраќајот и натаму се големи, бидејќи возат само 6 од 10 брзи возови и меѓу три и четири возови од десет на регионалните мрежи. Штрајкот продолжува до понеделник во ADP чијашто управа истакнува дека е отворена за преговори.

Во поглед на „Air France“, каде сите синдикати на пилотите повикуваат на штрајк пореди заштитата на работните места и платите, би било „неразумно Франција да биде блокирана во воздушниот сообраќај во текот на фудбалското првенство“, изјави во петокот за телевизијата RTL, државниот секретар за транспорт, Ален Виделје.

Со координацијата на државните служби и нафтените компании е овозможена испорака на горива на целата територија на Франција, иако се блокирани неколку рафинерии.

Меѓутоа штрајкот на вработените во претпријатијата за собирање и преработување на сметот, кој започна во понеделникот, би можел набрзо да има спектакуларни ефекти на улиците, а три од четирите главни центри за третирање на ѓубрето во парискиот регион и неколку центри во Прованса беа блокирани во петокот во знак на протест против законот за работни односи.

Покрај нарушувањата поврзани со штрајковите, се надоврзуваат и проблемите поврзани со поплавите, како затворањето на музеите и станиците на подземната железница во Париз. Министерот за внатрешни работи, Жан-Марк Ејро, поранешен премиер, се заложи во петокот за социјален дијалог и преговори, поради усвојувањето на законот за труд.

Француската влада смета дека реформата на законот за работните односи ќе го откочи пазарот на трудот и ќе го поттикне намалувањето на невработеноста, чијашто стапка во моментов изнесува 10 отсто. Но синдикатите и младинските движења сметаат дека законот ги фаворизира работодавачите и многу го олеснува отпуштањето од работа.

Социјалната криза ја отежнува и рекордната непопуларност на социјалистичките шефот на државата и на владата. На помалку од една година од претседателските избори претседателот Франсоа Оланд има поддршка меѓу 11 и 13 отсто, а премиерот Мануел Валс од 14 до 18 проценти, според две анкети објавени во четвртокот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП