Европската централна банка не ги промени ниту каматните стапки, ниту големата програма за стимулации, пишува во соопштението на банката.
Промени во монетарната политика на банката не се и очекуваа, бидејќи некои од мерките, објавени во март, допрва ќе влезат во сила. Станува збор за новата програма за насочени долгорочни операции за рефинансиранe за банките (Targeted longer-term refinancing operations, или TLTRO II), која почнува на 22-ри јуни.
Покрај тоа, на 8-ми јуни ЕЦБ почнува да откупува и деноминирани во евра небанкарски корпоративни обврзници со инвестиционен рејтинг.
Специјализираното списание „WBPonline“ коментира дека од април до денес макроекономската рамка во еврозоната не е променета којзнае колку, поради што не можеше да се очекуваат промени во програмата за олеснувања.
Стенограмот од последната седница на ЕЦБ во април го покажа критичниот тон на претседателот на банката Марио Драги и неговиот тим кон недостатокот или доцнењето на структурни реформи во земјите од еврозоната.
По самото заседание, тој посочи дека, со мали исклучоци, во последните 4 години банката била единствената институција која воведува политики за стимулирање на растот.
На денешната прес-конференција на Марио Драги, инвеститорите ќе ја следат внимателно реториката. Ова заседание е последното пред референдумот за членството на Велика Британија во ЕУ на 23-ти јуни, поради што претседателот на институцијата може да издаде предупредување за последиците од евентуално излегување на Велика Британија од Европската унија.
Голем број аналитичари очекуваат на прес-конференцијата Драги да ја прогласи покачена проекцијата за инфлација, која сепак би се должела на технички фактори, најмногу на поскапувањето на нафтата.