18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСилјан Мицевски прогласен за Личност на југоисточна Европа

Силјан Мицевски прогласен за Личност на југоисточна Европа

siljan micevsk3

На свечена церемонија во рамките на фестивалот „SEE A Paris & Berlin“ кој се одржа на еден од најстарите универзитети во Европа, Универзитетот Хумболт во Берлин, истакнатиот бизнисмен, претседател на градежната компанија „Пелистер“, поранешен градоначалник на Битола, актуелен почесен конзул на Република Србија и во Република Македонија, Силјан Мицевски беше награден со престижното признание Личност на Југоисточна Европа.

Признанието го добива како поддржувач на културата и спортот во областа на Југоисточна Европа, а наградата му ја врачи ректорката на овој престижен европски универзитет д-р Сабине Кунтс.

Одборот на фестивалот за Југоисточна Европа секоја година ова признание го доделува на исклучителни личности од регионот на Југоисточна Европа.Од одборот велат дека признанието „ЈИЕ Личност 2016“ се доделува на Мицевски за неговиот долгорочен придонес и ангажман во регионот на Југоисточна Европа како влијателен бизнисмен, поранешен и актуелен вршител на повеќе значајни општествени должности и функции

Обраќајќи се до ректор на Универзитетот Хумболт, претседателот на фестивалот на Југоисточна Европа во Берлин, до директорот на фестивалот Харалд Зиблер и сите останати на церемонијата, Мицевски истакна дека признанието за него претсавува особена чест.

„Ми претставува голема чест што сум прогласен за личност на Југоисточна Европа за оваа година во оваа престижна свечена сала на Хумболт универзитетот, еден од најугледните универзитети во светот. Целиот мој творечки живот во областа на економијата, политичките ангажмани, а од неодамна и во дипломатијата, го посветив на духовното, културното и економското зближување на сите 12 земји во Југоисточна Европа. Покрај мојата родна Македонија, сиве овие земји ги чувствувам како мои земји, како што велеше големиот визионер Конрад Аденауер, за нашата заедничка куќа Европа. Ви посакувам убав фестивал во овој прекрасен град Берлин којшто со своите архитектонски и културни вредности станува нов центар на Европа и светот“, рече Мицевски на доделувањето на наградата за која нагласи дека истата не е само потврда и афирмација на сѐ она што правел досега со уште едно меѓународно признание, туку и поттик за натамошен ангажман.

Инаку, наградениот Силјан Мицевски е познат македонски стопанственик, спортист, поддржувач на културата, уметноста и спортот, донатор, актуелен почесен конзул на Република Србија во Република Македонија и поранешен градоначалник на Општината Битола. Мицевски е магистер на економски науки и генерален менаџер на Градежното претпријатие „Пелистер“ – Битола од 1968 година, кое успешно работи на голем број проекти во Македонија и надвор од неа, односно во Бугарија, Германија, Русија, Црна Гора итн, при што вработува над 1.000 работници.

Неговата пасија кон спортот, посебно кон ракометот, е присутна до ден денес. Имено, тој бил активен ракометар, меѓународен судија, потоа претседател на РК Пелистер Битола, кога клубот под негово водство ги има освоено најголемите успеси на националните елитни ракометни купови. Тој исто така беше и долгогодишен член на Управата на Ракометниот Сојуз на Југославија и на Ракометниот Сојуз на Македонија.

Силјан Мицевски од 1996 година беше избран за прв градоначалник Битола на демократски избори во Република Македонија, со мандат до 2000 година. Од 2007 година ја извршува функцијата на почесен конзул на Србија во Македонија, при што континуирано дава голем придонес во развојот на добрососедските односи на полето на економијата, науката, хуманизмот, културата и спортот.

Воедно тој е добитник на голем број награди и признанија, меѓу кои: Наградата „4-ти Ноември“ на градот Битола во 1979 и 1996 година, потоа наградата во „Златната категорија – Париз 2003 година при WQC – интернационална Ѕвезда Награда“, која му е доделена во 2003-та година на 20-та Интернационална WQC конвенција во Европа во конкуренција од 166 земји од светот итн.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП